„Der Standard“: Европа била на работ на катастрофа

Европската електрична мрежа била на чекор до колапс, а милиони домаќинства во екот на зимата биле на работ да останат без струја, објави виенскиот Der Standard.

При мерењето околу 21 часот минатиот четврток, фреквенцијата на мрежата паднала на 49.8 херци, што за експертите е критичната граница кога треба да се применат итни заштитни механизми. Последен пат толку ниска фреквенција е измерена пред 12 години, а тогаш Франција мораше превентивно да исклучи околу 10 милиони домаќинства. Овојпат преземените мерки покажале резултат, па не дојде до прекин во напојувањето со електрична енергија.

Оценката на експертите е дека Европа „била на чекор до катастрофа“. Еден од нив, Херберт Саруг, кој воедно е и мајор во австриската војска, објаснува дека причината за ваквиот пад се должи на низа околности. Тој објасни дека понекогаш се случува одредени електрани да бидат прерано исклучени од мрежата, додека пак новите пребавно се приклучуваат, а во таков случај тоа „разминување“ може да резултира со премала снабдувачка. Ако на тоа се придодаде и исклучувањето од мрежата на електрана во Шпанија, како што било случај минатата недела, тогаш резултатот е големо приближување до колапс на мрежата за напојување, до кој доаѓа кога фреквенцијата ќе опадне на ниво од 48 херци.

Со оглед дека електричната енергија не може да се складира во соодветни количини, неопходно е да се надомести потрошувачката, и кога е превисока, и кога е прениска. Во Европа низ мрежата тече наизменична струја со фреквенција од 50 херци и таа мора да биде стриктно одржана. Ако дојде до оптоварување, како при огромната потрошувачка или исклучувањето на големи електрани од мрежата, генераторите работат побавно и фреквенцијата опаѓа. Тогаш е потребно брзо да се реагира, бидејќи во спротивно на мрежата ѝ се заканува колапс.

Според Саруг, иако се добива впечаток дека меѓу фреквенциите од 49.8 и 48 херци има доста голем простор за делување, тоа не е баш така. Како што објаснува тој, проблемот е што сé се случува молњевито брзо, а промените не се одвиваат линеарно, туку ескпоненцијално. Со други зборови, колапс на мрежата може да се случи за само неколку секунди, па затоа е важно да се преземаат мерки на претпазливост.

 

- Реклама -