Путиново го чека Путин

Празнична атмосфера во Путиново. Дванаесетте жители очекуваат дека претседателот на Русија – Владимир Путин, можеби, ако тоа го дозволи протоколот, ќе го посети нивното село, лоцирано на административната линија со Косово и Метохија. Сé е подготвено, патот е прооден, кафаната „Крим“ е дотерана. За претседателите на Русија и Србија подготвен е и посебен подарок – ракија „путиновача“.

Путиново е под снег до колена, небаре како Сибир, но тоа не ја попречува празничната атмосфера. Доаѓањето на Путин во Србија за нив е голем настан, а уште поголем и попосебен ќе биде доколку рускиот претседател реши да го посети нивното село.

„Ние сме подготвени да го дочекаме, тој само нека реши да дојде. Сé е подготвено, не ни треба никој, дури ни неговата придружба“, Милутин Петрушиќ Сердар, локален жител.

Кафаната „Крим“ е украсена со декорации кои јасно ја искажуваат големата љубов која семејствата кои живеат во Путиново – Петрушиќ, Делибашиќ и Петронијевиќ, ја чувствуваат кон рускиот народ и посебно рускиот претседател. Таму се произведува и „путиновачата“, која е нивни препознатлив бренд.

 

Путиново пред неколку месеци го посети рускиот амбасадор во Србија – Александар Чепурин. Неодамна е реконструиран и патот до селото, а откако локалните го променија името на Аџинци во Путиново, местото станува вистинска туристичка атракција.

„Сигурни сме дека во Русија знаат за Путиново, дури сум и прилично сигурен дека и самиот претседател Путин знае за ова место“, вели Небојша Арсиќ – претседател на општината Медвеѓа, под која спаѓа селото. „Ако нема место и простор во протоколот при оваа посета, тогаш се надеваме и среќни ќе бидеме да го дочекаме (Путин) во некоја друга прилика“, додава тој.

Милутин, пак, им порачува на претседателите Путин и Вучиќ и понатаму да продолжат со соработката, бидејќи, вели, Русите и Србите се еден народ.

Во меѓувреме, Путиново продолжува да го чека Путин со нетрпение. Онака како што ним им доликува – домаќински, со звукот на гуслите и српските патриотски песни.

За да биде сликата појасна, погледнете го видео прилогот од Путиново, на РТС.

- Реклама -