Соопштение на Службен весник, според Костовски Иванов го прекршил Уставот

Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ во број 7 од 14.1.2019 ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците.

Двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување).

Согласно со тоа, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска.

ЈП „Службен весник на Република Македонија“ е професионално јавно претпријатие и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед.

За секој обид за нарушување на угледот на Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.

(интегрален текст од соопштението на „Службен весник“)

* * *

Претходно, во изјава за „Лидер“, директорот на ЈП Службен весник – Мартин Костовски, порача дека не се чувствува одговорен што Законот за употреба на јазиците во Службен весник е објавен без потпис на претседателот Ѓорге Иванов, туку само со потпис на претседателот на Собранието – Талат Џафери.

„Иванов го прекрши Уставот со непотпишувањето, а не јас. Токму затоа не чувствувам никаква одговорност. Ние со фуснота дополнивме зошто законот беше објавен со потипис од Талат Џафери“, рекол Костовски.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ го предупредија Костовски дека објавувањето на Законот за јазици во Службен весник, без потпис од Иванов, е кривично дело кое не застарува:

„Го предупредуваме директорот на Службен весник, Мартин Костовски, дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор и ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани. Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери да го потпише Законот за употреба на јазиците и да го испрати до Службен весник“.

- Реклама -