Земјотрес во Алјаска сруши пат како да е од стакло (ГАЛЕРИЈА)

Обично последиците од разорните земјотреси не се пријатни за гледање, но земјотресот од петокот во близина на Енкориџ, Алјаска, се покажа како многу фотогеничен.

Фасцинантните слики се резултат на тоа што геолозите го нарекуваат „slope failure“ – кога ридови кои претходно биле солидна почва се распаѓаат и колабираат под својата тежина под дејство на гравитацијата. Тоа се случува и при обилни дождови или други природни влијанија на долг временски рок, но овојпат нештата ги размрда и забрза земјотресот со магнитуда од 7.0 степени, следен во изминативе денови од уште 3.000 други секундарни и помали потреси (меѓу нив и еден со магнитуда од 5.7 непосредно по првиот). Колабираше почвата на повеќе места низ регионот.

И така, одеднаш патот Vine Road (југозападно од Васила, во близина на Интернационалниот аеродром на Енкориџ) стана попопуларен за фотографите од било кога, затоа што беше распарчен како да е од стакло. Туристи, домашни и странски, го посетуваа за да го фотографираат за на Инстаграм – некои од „копно“, други со дронови од воздух. Откако не помогнале апелите на властите луѓето да го избегнуваат местото, морала да реагира и војската, со поставување на барикади и дополнителни знаци.

Повелете дел од глетките:

Е сега, можеби забележавте дека погоре зборуваме за патот во минато свршено време. Добро сте забележале. Тоа е затоа што патните служби на Алјаска веќе ги поправија штетите. Да, поправени, за помалку од 72 часа работа! Работеле 14 луѓе –  7 работници, 5 камионски возачи и двајца инженери.

Тимот работел на ужасно студен дожд, благ снег, силни ветрови и температура нешто под нулата. Обично Алјаска се бави со градежништво во периодот од мај до септември, кога условите се погодни за подолготрајни поправки (подолготрајни во смисла направеното подолго да потрае). Од таа причина, не работеле ни фабриките за асфалт, бидејќи ниските температури ја зацврстуваат нафтата, додека во исто време дождот и снегот додаваат влага.

Па така тимот, борејќи се со асфалтот и замрзнатата почва, морал: прво да го загрее асфалтот (2 часа по земјотресот), работниците да го изгребат и соберат оштетениот асфалт, да го отстранат вишокот материјал, да донесат нов материјал и да ја натапкаат смрзнатата почва. Потоа и да го асфалтираат оштетениот дел, а на крај и да ја обојат патната сигнализација. Во 1.30 часот наутро (локално време) во вторникот, оштетувањето во близина на првиот излез од аеродромот веќе било поправено, а час-два подоцна и тоа во близина на југоисточниот излез.

Треба ли да напоменеме дека одличната работа на патните служби на Алјаска стана вирална на Интернет и го воодушеви светот?

Додуша, завршениве поправки се само привремени, за да овозможат нормален проток на сообраќајот, особено во очи на божиќните празници. На лето сé тоа ќе биде одново изградено, онака квалитетно и безбедно, за да трае.

 

 

- Реклама -