Германија ќе одвои дополнителни 500 милиони евра за борба против аерозагадувањето

Вчера германската влада донесе одлука да обезбеди повеќе средства за општините во борбата против емисијата на штетните и стакленичките гасови и аерозагадувањето.

Како што соопшти германската канцеларка Ангела Меркел по состанокот со претставници на германските градови, Германија ќе издвои дополнителни 500 милиони евра за програмата за „чист воздух“, покрај досегашните 1 милијарда евра. Со тоа, пренесува Асошиејтед прес, вкупните средства посветени на борбата против загадувањето на воздухот и околината ќе се зголемат на 1.5 милијарда евра.

Целта на разговорите била и да се избегне воведување дополнителни забрани за старите дизел-возила во урбаните подрачја со регистрирано големо загадување, пренесува германската ДПА.

Директивите на ЕУ за квалитетот на воздухот предвидуваат годишен просечен лимит од 40 микрограми азот диоксид на метар кубен. Во 2017-та, 65 градови во Германија го надминале лимитот од 40 микрограми – кај 15 од нив биле регистрирани 50 микрограми од токсичниот гас на метар кубен.

- Реклама -