Вегани активисти упаднале во ресторан и на гостите им пуштале звуци од колење на крави (ВИДЕО)

Во месниот ресторан Touro Steakhouse во Брајтон, Велика Британија, синоќа упаднала група вегани со намера да ги „разбуди“ и „освести“ гостите кои јадат месо.

Активистите од здружението Direct Action Everywhere влегле во ресторанот и на гостите им пуштале звуци од колење на животни, а истовремено им покажувале и слики и скандирале: „Тоа што го јадете не е месо, тоа е насилство!“.

При влегувањето во ресторанот, снимателката (која е дел од групата вегани) може да се слушне како вели: „Ова мириса ужасно, погледнете го сето ова мртво месо“.

Демонстрантите се задржале во ресторанот околу 20 минути, а потоа протестот го продолжиле надвор пред вратата. Била повикана полиција, но не преземала ништо, бидејќи, како што велат, демонстрантите имале право на мирен протест и не прекршувале ниту еден закон (полицијата стигнала откако демонстрантите веќе биле излезени надвор).

Бројот на вегани, но и активисти, во Британија е во пораст, а конкретното здружение, основано во 2013-та, сега има неколку ограноци низ земјата. Паралелно, ваквите инциденти стануваат сé почести, но како што се гледа и од видеата, ефектот врз гостите баш и не е каков што активистите го замислуваат, или барем посакуваат.

 

- Реклама -