Дали на старите луѓе им се привлечни другите стари луѓе?

Дали старите луѓе се атрактивни? Ако сте млади, , освен ако немате некој чуден фетиш, одговорот речиси сигурно е дека не се. За старите луѓе користиме некои други епитети: „драги“, „слатки“, а некогаш и „преслатки“, ама не и „секси“. Судејќи по сé, атрактивноста си има свој век на траење, кој обично завршува некаде до 50-тата година од животот.

Но што знаеме ние? Нели убавината е субјективна? Нели убавината е внатре? Нели вкусовите созреваат и се менуваат?

Во обид да дознае што им мота во мудрата глава на старите, Vice Австралија прошетал низ улиците на Мелбурн за да ги праша: Дали на старите луѓе им се привлечни други стари луѓе?

Мик, 89 години, поранешен коњар и рудар

VICE: Дали ви се привлечни личности на ваша возраст, Мик?
Мик: Па не се лоши – но јас секогаш барам нешто помладо.

Помладо, значи?
Да, подобро изгледа. Има пар жени кои се мои години, но не ми го привлекуваат погледот ако надминале 50-та. А помладо не се наоѓа по домовите, мора малку да излезеш, ручек, вечера…

Што е тоа што помладата дама ја прави попривлечна од некоја на ваши години?
Па младите сепак подобро се држат, ја средуваат косата, имаат повеќе енергија. Подобро изгледаат.

Маргарет, 82 години, претседателка на кугларски клуб

VICE: Маргарет, дали ви се привлечни луѓето на ваши години?
Маргарет: Не барам јас тоа, знам дека грозно изгледам па не сакам да им биде непријатно.

Што, според вас, одредува дали некој во ваши години изгледа добро или лошо?
Стариците, јас ако се прашувам, носат премногу шминка. Овчо месо сака да помине како јагнешко.

Дали некогаш сте наишле на некој во ваши години кој изгледал атрактивно?
Па баш и не сум. Не гледам јас привлечни луѓе на моиве години, можеби малку помлади, но.. уф.. срам да ми е. Иста сум како мојата покојна баба.

Дали ви се привлечни помлади луѓе?
Не ми се ни тие, не ги гледам воопшто. Не се замарам со тоа.

Дени, 88 години, поранешен професор по музичко и тромбонист

VICE: Дали ви се привлечни луѓето на ваши години?
Дени: Некои ми се. Мојата сопруга е преубава, а има 86 години. Ми се допаѓа и нејзиниот изглед и нејзиниот карактер, нејзината природа.

Дали некогаш сте помислиле дека вас баш посебно ве привлекува?
Често тоа го помислувам. Ѝ спремам доручек секое утро за да ѝ покажам дека уште ми е секси – таа останува во кревет додека го правам тоа. Не умее со микробрановата, знаеш, па затоа јас подготвувам каша. Но нејзиниот дух е најпривлечен.

Како се запознавте?
Една нејзина пријателка излегуваше со мој колега од оркестарот. Одлучи да нé запознае, и така почна сé. Пред едно сто години.

Розали, 75 години, волонтерка во локалната општина

VICE: Розали, дали ви се секси луѓето на ваши години?
Розали: Се, како не се! И јас некогаш бев како тебе. 80 во градите, 60 во струкот, 80 во колковите; Како песочен часовник, мила моја, но кога ќе дотуркаш до 75-та, тоа сé се заборава. Веќе немам 25 години, ама добро се држам – додуша имам доста седи влакна. Во овие години, жена знае како да ги сака и луѓето, и животот. На 70 се опуштив, сé ми е натенане, во сé уживам и станува вистинито она дека убавината е во окото на набљудувачот. Убавината е внатрешна, тоа нашата генерација го гледа, знаеш, онаа убавина одвнатре.

Кога разговарам со овие младите, еве со тебе, мила, и јас се чувствувам младо. Три мажи погребав, и еве, јас да ти кажам: вреди да се чека оној правиот. Да имаш врска во која сé делите.

Што мислите дека луѓето на 70 години ги прави помалку или повеќе привлечни од оние на 20?
Не знам јас тоа. Јас тоа не го споредувам, знаеш, јас ги сакам сите луѓе. Не сум со критичен дух; во секого има некаква убавина. Еве ние бабите, наше е да ги споделуваме приказните со твојата генерација. Гледаш како сум сé уште млада? Гледаш дека сепак ќе се сеќаваш на мене? Ни со 75 не сум стара, бидејќи не се чувствувам стара! Ги сакам младите зашто и мене ме прават млада!

Сели, 73 години, поранешна дактилографка

VICE: Дали ви се привлечни луѓе на ваши години?
Сели: Па можеби, понекои.

Дали вашиот покоен маж ви беше привлечен и во староста?
Како не. Се запознавме на 14 години, многу пливавме, тој исто така и сурфаше, па остана во форма.

Додека стареевте заедно, дали во некој одреден момент сте помислиле дека е секси?
Секогаш сум го мислела тоа за него.

Дали денес ви се попривлечни младите или старите луѓе?
Јас мислам дека сите луѓе се привлечни. Она што мене најмногу ме привлекува е нивното однесување – дали се пристојни или не.

PS. За крај 🙂

- Реклама -