90% од загадувањето го прават домаќинствата, ама зашто не ги мериме фабриките

Резултатите од тригодишното истражување спроведено од професори и научници при Академијата на науките и уметностите, покажуваат дека дури 90% од загадувањето е дело на домаќинствата. Уделот на автомобилите и транспортот е далеку помал – 10%.

Но во истражувањето не бил разгледуван секторот на кој граѓаните и невладините организации најмногу алудираат – индустрискиот, бидејќи тоа било, како што велат, комплексна област. За влијанието на отровните гасови од фабричките оџаци, меѓу кои се кријат и најголемите загадувачи, допрва ќе се прави студија.

Во меѓувреме, градските власти се фалат дека реализирале 25 мерки за кои одвоиле рекордно високи буџетски средства. Сепак, се работи за долгорочни мерки од кои резултатите би се почуствувале дури во 2025-та, под услов за греење да се исфрлат од употреба дрвото, нафтата и јагленот.

„Најбрза мерка е приклучувањето кон топлификацискиот систем, субвенции за промена на начинот на греење како за печки на пелети, инвертер, изолација на домоците“, смета Александар Дединец – професор од Истражувачкиот центар за енергетика при МАНУ.

Порастот на бројот на пациенти, пред сé на пулмологија, кои се жалат на отежнато дишење, намален капацитет, надразнетост на грлото и очите, како и болка во градите, ги натера и докторите да го кренат гласот.

„Мора нешто ургентно да се преземе… Не само ПМ10 честичките туку и другите издувни гасови се опасни бидејќи доведуваат до оштетување на клетките, а тоа граѓаните го чуствуваат како на пример со гребење на грлото, кивање, печење во очите, отежнато дишење“, вели проф. др. Дејан Докиќ – директор на Клиника за Пулмологија.

Хронична и долгогодишна изложеност на екстремно загаден воздух е опасна за сите и резултира со долга низа на последици по здравјето, но убедливо најмногу на удар се децата. Најновите научни истражувања покажуваат дека загадувањето е особено штетно во првите три години од животот на децата, а кај децата што најраната возраст ја поминуваат во средини со високо аерозагадување со поситни микрочестици забележан е и до 86% зголемен ризик од аутизам.

Телма/Канал 5/Сител

- Реклама -