Памела Андерсон за #MeToo и феминизмот: Мајка ми ме научи да не одам по хотелски соби со непознати

Во неделното долго интервју за австралиската „60 минути“, Памела Андерсон имаше пар „контроверзни“ коментари околу #MeToo движењето и третиот бран на феминизмот.

„Веројатно ќе ме убијат за ова што ќе го речам, но јас сум Канаѓанка и можеби не сум политички коректна, но го зборувам тоа што го мислам“, рече Пам, алудирајќи на осудата што ја чека на социјалните мрежи, а ги снајде сите што досега изразија некаков поблаг или поостар критички став кон #MeToo движењето, кое сé уште е во полн ек во САД и досега „улови“ и казни солиден број и те како должни, но и недолжни и помалку должни мажи.

Како и да е, Памела вели дека не се грижи за лошите коментари, па сепак си го кажа своето – дека феминизмот знае да претера:

„Мислам дека феминизмот може да оди предалеку. И јас самата сум феминистка, но мислам дека овој последен бран на феминизмот е жива досада. Мислам дека ги парализира мажите. Мислам дека ова #MeToo движење е премногу за мене, извинете…“

„Мајка ми ме научи да не одам во хотели со непознати. Ако некој ја отвори вратата во бањарка, а наводно треба да е бизнис состанок, можеби треба да одам со некој друг“, рече Памела, алудирајќи на приказните на дел од жртвите на Харви Вајнстин.

Андерсон смета дека некои нешта се едноставни и логични, и најчесто сé што им треба на жените е здрав разум.

„… Или ако веќе влегуваш (во собата), барем (направи сé што треба и) добиј ја работата“, се шегува Памела.

Што се однесува до коментарите кои ги слуша за себе, вели дека воопшто не и`пречат.

„Не ми пречи што ме сметаат за секс симбол. Порадо би била тоа, отколку да не бидам ништо. Тоа е комплимент, зар не? Секоја жена и девојка сака да биде секси и убава“, заклучува Пам.

- Реклама -