Финансирано од Бил Гејтс: Кондоми што сами се подмачкуваат (и не ве изневеруваат)

Тим научници од Универзитетот во Бостон, поддржани од фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, се пофалија дека пронашле начин да направат кондоми од латекс кои самостојно се подмачкуваат при допир со телесни течности, благодарение на посебно издржлив слој дизајниран да трае преку целото времетраење на односот.

Надежта е дека овие кондоми ќе бидат попривлечни за користење и така ќе се постигне подобра стапка на спречување на полово преносливи болести и несакани бремености.

Иако се ефикасно средство за заштита и контрацепција кога правилно се користат, факт е дека многумина не ги сакаат бидејќи без лубрикант сексот може да биде мошне непријатен, а самиот кондом да се скине или да се измести од „лежиштето“. Денешните кондоми главно се веќе подмачкани со лубрикант, но често тој не е доволен. Дополнителното, рачно додавање лубрикант, исто така не е најпријатно, бидејќи подразбира кратки прекини во односот, а претставува и дополнителна техникалија во чинот што луѓето преферираат да е спонтан.

За разлика од таквите, овие нови самоподмачкувачки кондоми стануваат многу лизгави кога ќе дојдат во допир со телесни течности, со што се избегнуваат горенаведените проблеми.

Како што се наведува во магазинот Royal Society Open Science, овие издржуваат и до 1.000 пенетрирања без да изгубат од лубрикантот. Според научниците, обично сексуалниот однос трае дупло пократко, но некогаш знае и подолго. За споредба, се покажало дека обичните кондоми со течен лубрикант на база на вода кои биле користени во тестирањата, ја губат лубрикацијата по околу 600 пенетрации. Згора на тоа, од 33 пара мажи и жени, волонтери, оценувајќи ја „работата“ на новите кондоми, најголемиот дел изјавиле дека овие самоподмачкувачките се подобри.

„Потребно е многу малку течност за да ги активирате“, вели Марк Гринстаф, професор од Универзитетот во Бостон. Тој и неговиот тим истакнуваат дека сепак се потребни уште пар тестирања, а клиничките истражувања, во кои ќе бидат вклучени парови доброволци, ќе почнат следната година. За тоа време, една од компаниите во рамките на бостонскиот универзитет ќе работи на тоа да го развие овој производ за комерцијална употреба.

Во меѓувреме, на другата страна од светот, научниците од универзитетот Wollongong во Австралија, работат на слични самоподмачкувачки кондоми, но направени од хидрогел, а не од латекс и гума.

- Реклама -