36 прашања што можат да направат да се зближите и заљубите во непознат/а

Сцена од филмот „Before Sunrise“, првиот дел од трилогијата „Before“ на Ричард Линклатер

Пред повеќе од 20 години, социјалниот психолог Артур Арон од Њујоршкиот универзитет спровел едноставен експеримент. Маж и жена, кои претходно не се познавале, седнале да си одговорат на 36 прашања избрани од психологот. Потоа се гледале во очи 4 минути. Шест месеци подоцна, велат одредени извори, мажот и жената се венчале.

За одговарање на овие прашања, заедно со друга личност, потребни се околу 45 минути, а речиси е гарантирано дека по „сесијата“ двајцата учесници во разговорот ќе се чувствуваат многу поблиски и ќе сакаат повторно да се видат, тврди психологот Артур Арон од Лабораторијата за интерперсонални односи на универзитетот Stony Brook во Њујорк.

Резултатите од неговото истражување се објавени под насловот „The Experimental Generation of Interpersonal Closeness“ во журналот Personality and Social Psychology Bulletin, 1997 година.

Според Арон, одговарањето на овие прашања може да доведе до романтични чувства, но исходот не е ограничен само на формирање љубовни врски. Можете ова да го пробате и со луѓе кои веќе добро ги познавате – пријатели, роднини, членови на семејството, па дури и долгогодишни љубовни партнери – а со цел да ја продлабочите меѓусебната блискост.

Ова се 36-те прашања, по ред (двајцата наизменично одговараат на секое прашање, едно по едно):

1. Кога би можеле да изберете било кој во светов, кој би сакале да ви биде гостин на ручек/вечера?

2. Би сакале ли да бидете познати, и на кој начин? По што?

3. Пред да обавите телефонски повик, дали понекогаш вежбате што ќе кажете? Зошто?

4. Како изгледа совршениот ден за вас?

5. Кога последен пат сте си пееле сами на себе, т.е. додека сте биле сами? А кога последен пат сте му пееле на некој друг, т.е. пред некој друг?

6. Ако знаете дека ќе доживеете 90-годишна возраст и притоа имате избор да го зачувате или разумот, или тело на 30-годишник/а, во последните 60 години од вашиот живот, што би избрале?

7. Имате ли некакво тајно претчуство за тоа како ќе умрете?

8. Наведете три нешта кои сметате дека вие и вашиот партнер (соговорник) ги имате заеднички.

9. За што/кон што во вашиот живот се чувствувате најмногу благодарни?

10. Кога би можеле да смените нешто околу начинот на кој сте биле воспитувани/израснати, што би било тоа?

11. Раскажете му ја вашата животна приказна на партнерот (соговорникот) во што е можно повеќе детали, за 4 минути.

12. Кога би можеле да се разбудите утре со некаква нова особина или способност, која/што би сакале тоа да биде?

13. Ако кристална топка би можела да ви ја каже вистината за вас, вашиот живот, иднината или било што друго, што би сакале да знаете?

14. Има ли нешто за што долго време сонувате да го направите? Зошто не сте го направиле?

15. Што е вашето најголемо постигнување во вашиот живот?

16. Што најмногу цените во пријателството?

17. Кој е вашиот најскапоцен спомен?

18. Кој е вашиот најужасен спомен?

19. Ако знаете дека за една година ненадејно ќе умрете, дали би смениле нешто околу тоа како живеете во моментов? Зошто?

20. Што значи пријателството за вас?

21. Каква улога играат (колку ви се важни) љубовта и приврзаноста/блискоста во вашиот живот?

22. Наизменично со другиот споделете нешто што го сметате за позитивна карактеристика на вашиот партнер (соговорник). Набројте пет карактеристики.

23. Колку блиско и топло е вашето семејство? Сметате ли дека вашето детство било посреќно од детството на повеќето други луѓе?

24. Како се чувствувате околу односот со вашата мајка?

25. Наведете по три вистинити „ние“ искази, и двајцата. На пример: „ние двајцата сме во оваа соба и чувствуваме…“

26. Довршете ја реченицата: „Посакувам да имав некој со кој би можел/а да споделам…“

27. Ако имате намера да станете блиски пријатели со вашиот партнер (соговорник), споделете што би било важно за неа/него да го знае.

28. Кажете му на вашиот партнер (соговорник) што ви се допаѓа за нив: бидете искрени, наведете нешто што можеби не би му го кажале на некој што штотуку сте го сретнале.

29, Споделете со вашиот партнер некој засрамувачки момент од вашиот живот.

30. Кога последен пат сте плачеле пред некој друг? А кога сте биле сами?

31. Кажете му на вашиот партнер (соговорник) нешто што веќе ви се допаѓа кај нив.

32. Постои ли нешто што го сметате за пресериозно за да биде предмет на шегување, и што е тоа?

33. Кога би умреле вечерва без можност да остварите комуникација со било кого, за што најмногу би жалеле што не сте му го кажале некому? Зошто сé уште не сте им кажале тоа?

34. Вашата куќа, заедно со сé што поседувате, пламнува во оган. Откако сте ги спасиле саканите и вашето милениче, имате време да направите уште еден трк и да спасите еден од предметите. Што би било тоа? Зошто?

35. Од сите луѓе во вашето семејство, чија смрт најмногу би ве вознемирила/би ви паднала најтешка? Зошто?

36. Споделете личен проблем и прашајте го вашиот партнер (соговорник) за совет околу тоа како тие би се справиле со истиот. Исто така, прашајте го партнерот да ви каже како нему му/ѝ изгледа дека вие се чувствувате околу проблемот што сте го избрале.

     И уште пар слични варијации…

• Ако можете да го изберете полот и физичкиот изглед на вашето дете кое наскоро треба да се роди, би го направиле ли тоа?

• Би прифатиле ли да имате ужасни кошмари цела една година, ако знаете дека за тоа ќе бидете наградени со извонредно богатство?

• На пат во друг град, вашиот сопружник/љубовен партнер запознава и ја минува ноќта со возбудливо непознато лице. Со оглед на тоа дека никогаш повеќе нема да се сретнат, а вие немате друг начин да дознаете за аферата, би сакале ли вашиот партнер да ви каже за тоа?

PS. Прашањата се дизајнирани од научна појдовна точка, со цел, меѓу другото, да се демонстрира дека е можно брзо зближување помеѓу луѓе што претходно не се познаваат. Во животот, сепак, некогаш треба да се остави овој процес да се одвива постепено и нешто побавно (не во 45 минути).

виа Psychology Today

 

- Реклама -