Обвинителството пресече: Претепувачите на Саздовски ќе се гонат за убиство на свиреп начин

Основното јавно обвинителство (ОЈО) го преквалификуваше кривичното дело за бруталното претепување на младиот Комита, Никола Саздовски – Саздо (21). Наместо за насилство, сторителите, кои според сознанијата се тројца, ќе одговараат за убиство извршено на свиреп начин.

„Ваквата одлука на јавниот обвинител следи откако во текот на истражната постапка беа обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, беше прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско-медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт“, соопшти ОЈО.

Истражната постапка против тројцата осомничени ќе продолжи за кривичното дело убиство. Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело. За третиот осомничен, кој се уште е недостапен за полицијата и правдата, ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.

„Воедно, надлежен јавен обвинител во текот на истражната постапка, продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени“, велат од Обвинителството.

За ова кривично дело, Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, е предвидена затворска казна од најмалку десет години затвор или доживотен затвор.

- Реклама -