Жените се поиздржливи војници од мажите?

Жените војници подобро ги поднесуваат макотрпните вежби од своите машки колеги, покажува една новообјавена студија во Норвешка.

Истражувањето на FFI покажува дека жените подобро ги губат маснотиите во текот на активностите, што може да биде предност при долгорочните вежби и операции. Во студијата, исто така, е заклучено и дека жените побрзо се опоравуваат.

Во истражувањето биле опфатени 23 машки и 12 женски војници од специјалните вооружени сили на Норвешка. Биле подложени на физички напори во текот на еднонеделно тестирање, по што се покажало дека мажите изгубиле 2.7 килограми мускулна маса, додека жените изгубиле само маснотии.

Студијата, сепак, не наиде на добар прием кај сите, особено не кај полковникот поручник Харалд Хојбак, кој претходно има изјавено дека жените во вооружените сили всушност ја ослабуваат борбената способност на Норвешка. Тој ги отфрла резултатите од истражувањето, а наместо тоа прашува: која е важноста на побрзото опоравување на жените, ако тие имаат значително помала физичка способност и капацитети?

Инаку, во 2015-та Норвешка воведе задолжителен воен рок и за жени, и тоа без да ги раздвојува од мажите (спијат во исти соби, и сл.). Оттогаш наваму, бројот на жени кои служат во редовната норвешка армија постојано расте.

- Реклама -