Омилената жешка фантазија на миленијалците? Никогаш нема да погодите

Камшици, жежок восок, врзување…? Не, ништо од тоа.

Истражувањето во кое е разгледувана сексуалноста на оваа генерација, спроведено на универзитетот Сајмон Фрејзер, покажува дека миленијалците најмногу сакаат да фантазираат дека се пар што живее во сопствена куќа.

Постарите генерации играат улоги главно за да експериментираат со разни динамики на моќ или за да искусат разни фиктивни сценарија. Кај миленијалците, меѓутоа, сексуалните фантазии се протегаат и во сексуален и во финансиски план.

Косење трева во сопствен двор… Мммм…

„Ништо не може да се спореди со возбудата од замислата дека имам двокатна куќа што не ја делам со гласни соседи“, објаснува една 26-годишна учесничка во истражувањето. „Кога партнерот ми предложи да се преправаме дека сме сопственици на имот, на почетокот се колебав. Ми звучеше доста палаво да се облечам во нешто лесно и да се преправам дека читам книга во дворот на куќата, што ја поседувам, додека во дневната маж ми пополнува обрасци за данок на имот. Но откако еднаш пробавме, таа игра направи чуда за нашиот сексуален живот“.

Општата претстава за миленијалците е дека преферираат да изнајмуваат отколку да поседуваат живеалиште, и дека преферираат да се движат наместо да „пуштат корени“ на едно определено место. Се покажува, меѓутоа, дека тие затреперуваат и од самата помисла да му шепотат на партнерот за остварливи хипотеки, а фантазиите за незавршен ремонт и планови да се среди градината дополнително го разгоруваат огнот.

Пружање алишта во сопствен двор… ММммм…

„Поседувањето на сопствен дом започна како невина фантазија, но сега постојано си фантазирам дека подрумот ми се поплавува“, вели еден од испитаниците во анкетата.

А кога веќе поседуваат дом, стапува на сцена миленијалската верзија на фантазии со врзување и доминирање. Обично се состои од тоа да ѝ/му ги врзеш очите на партнерот/ката, да ја/го врзеш за креветот, а после да ја/го оставиш да спие 8 часа без да може да погледне во телефон.

виа

- Реклама -