Фејсбук цензурираше кип на Венера стар 30.000 години

Фејсбук продолжува да цензурира ументички дела и артефакти кои ни на крај памет не би ви паднале дека можат да бидат цензурирани, и тоа поради најчестата и најглупава причина – голотија.

Се работи за 30.000 години стар кип на Венера од Вилендорф (гуглајте „Venus of Willendorf“, не сакаме да ризикуваме да ви ставиме слика/линк), кој е дел од збирката на Природонаучниот музеј во Виена.

Фотографијата на Фејсбук ја постави уметницата Лора Џианда, но постот набрзо ѝ беше отстранет. Следеше нов, во кој Лора го критикува Фејсбук за цензурата на уметничките дела. Овој вториов собра над 7.000 споделувања. Реагираа и од Природонаучниот музеј, кој побара Фејсбук да дозволи Венера од Вилендорф „да остане гола“.

„Посетителите никогаш не ни се побуниле поради голите фигури. Нема никаква причина за покривање на Венера, ни во музејот, ни на друштвените мрежи“, вели генералниот директор Кристијан Кеберл.

Според правилата на Фејсбук, слики, скулптури и други уметнички дела што прикажуваат актови се дозволени. Меѓутоа, неоснованото цензурирање продолжува да се случува. Се смета дека тоа се должи на самиот алгоритамски програм т.е. вештачката интелигенција која ја користи Фејсбук, кој самиот учи и одредува што е голотија, а што не.

- Реклама -