Не одете во вселената, може да е полна со вируси

Веројатно размислувате за вируси само кога сте болни или кога во близина имате некој што може да ви ги пренесе. Група микробиолози сакаат да размислите и околу следново: Што ако ги има во вселената?

Во еден нов извештај, објавен на 10-ти јануари во журналот „Astrobiology“, двајца американски и еден јапонски научник ја поставуваат тезата дека вирусите можеби се распространети во меѓупланетарниот простор. Нивните заложби се во насока на тоа астробиолозите да посветат повеќе време и внимание во потрагата по овие мали чудни молекуларни „машини“.

Вирион (формата која вирус ја зазема кога е надвор од домаќин) се состои од генетски материјал завиткан во протеинска „школка“. Некои вируси имаат и надворешен липиден слој наречен „плико“ (envelope). За појасно, гледајте на нив како на семе, или спора, велат научниците.

Вирусите стојат на границата на дефиницијата за тоа што е живот. Им фали механизмот на саморепродуцирање, па мораат да инфицираат клетка на домаќин и да ги „киднапираат“ нејзините механизми. Резултатот е вечна дебата околу тоа дали треба да ги сметаме за форма на живот, или не.

За авторите на извештајот, сепак, самото постоење на репродуктивен метод кај вирусите (макар и да вклучува домаќин) е доволно. Кога ќе се разгледа целиот циклус на вирусна репликација, велат, се стигнува доволно блиску до дефиницијата за живот на NASA: „самоодржувачки хемиски систем способен за Дарвинова еволуција“.

Ова нивново (дека самиот факт што вирусите се размножуваат е доволен) се потврдува и во пракса – ако научниците успеат да идентификуваат вирус во вселената (на метеор, на пример), многу малку експерти ќе речат дека откритието не е доказ за постоење на живот во вселената.

Ако е така, тогаш зошто научниците не ја чешлаат површината на Марс, на пример, или езерата на Титан, во потрага по овие мали „форми на живот“?

Делумно, затоа што технологијата за такво нешто сé уште е во развој. Вирусите не се метаболички активни кога се оставени самите на себе, па продуцираат многу малку споредни продукти. Липидите во „пликоа“ моментално се примарниот биомаркер за идентификување на вируси, бидејќи овие соединенија можат да преживеат и стотици милиони години. Но, сево ова значи дека научниците можат да идентификуваат вируси само преку хемискиот потпис што тие би го оставиле во фосилните „записи“. А тоа што со овој метод тешко се наоѓаат вируси дури и во старите капри на Земјата, значи дека исто толку тешко, ако не и потешко, ќе биде да се најдат вируси и во старите карпи Марс.

Моментално, научниците можат да идентификуваат вируси гледајќи ја структурата на нивните „школки“ (обвивки) под електронски микроскоп. Но сé уште ја немаме технологијата да ги прикачиме овие моќни машини на ровер кој би го истражувал Марс, на пример. А со оглед на диверзитетот на вирусни форми на Земјата, Стедман (еден од научниците автори на извештајот) се сомнева дека научниците дури и би ја препознале формата на вонземски вирус.

Научниците моментално се вешти само во идентификување на клеточен живот. Вирусите не се такви. Затоа, добра пракса ќе биде развивање на нови начини за идентификување вируси, сé со цел да можеме да препознаеме други, нови форми на живот кои би можеле да ги откриеме. Да се мисли со отворен ум е клучно за потрагата по живот, вели Стедман.

 

„Што е живот? Дали вирусите се живи? Ако најдеме вируси во вселената, дали се индикација за живот? И дали ова ќе биде живот каков што го знаеме, или живот каков што не го знаеме?“, прашува Стедман. „Се надеваме да ги натераме луѓето да размислуваат околу овие типови на дефиниции“.

Овде на Земјата, вирусите се клучна „состојка“ на животот. Сé би било поинаку кога би ги немало. Само во океаните постојат околу 1 милион пати повеќе вириони отколку што се проценува дека има ѕвезди во нашиот видлив универзум. Тогаш зошто не би ги имало и во вселената?

Livescience

 

 

- Реклама -