Миленијалците се депресивни затоа што се перфекционисти

После еден куп контроверзни студии кои тврдат дека миленијалците се повеќе склони кон депресија и анксиозност од претходните генерации, конечно се појавија и неколку што даваат можни одговори зошто е тоа така.

Според извештајот во American Psychological Association’s Psychological Bulletin, натпросечно високите нивоа на депресија и анксиозност се должат на тоа што миленијалците се перфекционисти.

Како што пишува Yahoo, „клинците денес се многу поопседнати со перфекција отколку што беа претходните генерации“.

Истражувачите стигнале до ваков заклучок откако анализирале претходни истражувања за застапеноста на перфекционизмот меѓу младите, конкретно меѓу 42.000 студенти од САД, Канада и Велика Британија во периодот меѓу 1989 и 2016-та година. Тоа што го увиделе е дека трендот е растечки, особено во САД. Генералниот заклучок е дека миленијалците бараат и очекуваат повеќе како од другите, така и од себе, а истовремено веруваат и дека другите бараат и очекуваат повеќе од нив.

Но зошто? 

Авторите на студијата тврдат дека перфекционизмот (кој го дефинираат како „комбинација од превисоки лични стандарди премногу критични себепроценки“) е нус-производ/спореден ефект на три фактори: „неолиберално владеење, зголемена меритократија, и промена во односот од страна на родителите“.

Сумирано на куп, истражувачите го објаснуваат вака:

„Од доцните 1970-ти наваму, САД, Канада и Велика Британија преминаа од активно замешани влади со фокус на целосна вработеност и социјална еднаквост, кон поповлечени влади со фокус на напредок на пазарот и пазарната конкуренција и награда. Паралелно со промената во однесувањето на општествените и граѓанските институции, овие полиси им ставаат поголем товар на поновите генерации на млади луѓе да се свртат едни против други под влијание на меритократијата и под будното око на родителите со сè поголеми очекувања“.

Понатаму, според клиничкиот психолог Барбара Гринберг, и друштвените мрежи сносат дел од вината: „Овие луѓе растат константно оценувани на социјалните мрежи… Кога си константно под буквален и фигуративен микроскоп – каде микроскопот се друштвените медии – секако дека стануваш повеќе свесен за себе, во негативен контекст“.

Кој и да е виновен, перфекционизмот предизвикува низа здравствени проблеми отаде депресијата и анксиозноста, вклучувајќи и анорексија, суицидални мисли, и рана смрт, истакнуваат истражувачите.

Дури и кога би ги немало таквите последици, вели Гринберг, перфекционизмот сам по себе доаѓа во пакет со анксиозност. „Бркате нешто многу ретко и тешко достижно, и секако дека тоа води кон проблеми, бидејќи никој не е совршен. И никој не треба да биде совршен.“

- Реклама -