Судска пресуда: Синот да ѝ плати скоро милион долари на мајка му, зашто го исчувала

41-годишен забар од Тајван ќе треба да ѝ плати на мајка му 774.000 долари, пресуди тајванскиот Врховен суд, како надоместок за грижата и парите кои ги вложила во неговото воспитување и образование.

 

Сè почнало кога во 1997 година, кога имал 20 години, Тајванецот потпишал договор со мајка му. Според договорот, тој требало да ѝ плаќа 60% од своите приходи откако ќе дипломира и ќе почне со работа.

Во меѓувреме, синов се премислил, па одбил да се придржува до договорот. На мајка му тоа не ѝ се допаднало, па ете ги, на суд.

Според Тајванецот (овој сега, условно речено позрелиот), апсурдно е родител да бара отплата за грижата која ја вложил во своето дете. Се вади и дека кога го потпишал документот бил премногу млад. Освен тоа, неколку години работел во нејзината клиника набрзо по дипломирањето, со што смета дека ѝ се оддолжил.

Сметал тој или не, договорот е сè уште во сила, па судот одлучи дека синот ќе треба да го плати договорениот износ, и тоа со краен рок и камата.

Жената, од друга страна, сама ги одгледала двата сина, вложувајќи сериозни суми во нивното образование. Исплашена дека еден ден на стари години ќе престанат да ја гледаат, ги убедува да го потпишат споменатиот договор.

Денес и двајцата се стоматолози, но… Додека постариот син, кој исто така одбивал да ѝ плаќа, успеал да постигне договор со мајка си и да помине со помала сума, помладиот категорично одбивал да го почитува договорот. Сега ќе мора да си плати 22.33 милиони тајвански долари како попче.

И самите закони на Тајван наложуваат полнолетните деца да се грижат за возрасните родители, но ретко се случува нештата да се решаваат на суд.

- Реклама -