Супер Марио помага во спречување на деменција

Да се потсетиме, деменцијата (народски позната како сенилност) е постепено влошување на интелектуалната способност, со краен стадиум на тотална социјална и работна нефункционалност.

Најистакнати симптоми се губење на способноста за размислување, памтење и логично расудување и заклучување, а еден од начините за превенција од деменција е стимулирањето на мозокот со цел создавање на „когнитивни резерви“, со чија помош мозокот останува во добра форма.

Научниците од универзитетот во Монтреал тестирале неколку методи на создавање „когнитивни резерви“, меѓу кои и популарната игра Супер Марио (3D верзија). Се покажало дека токму тој „метод“ е најефикасен.

Со други зборови, откриле дека играњето на 3D и логички игри влијае на зголемувањето на сивата маса во делот од мозокот задолжен за управување со одлуките и сеќавањата. Игрите помагаат затоа што при играњето играчите ги користат мемориските мозочни процеси. Кај луѓето во ран стадиум на деменција се случува токму обратното – се намалува масата во овој дел од мозокот.

Во истражувањето учествувале 33 испитаници на возраст од 55 до 75 години, поделени во две групи. Првата играла Super Mario 64, а втората за прв пат учела да свири клавир. Позитивен ефект е најден само кај тие кои играле Марио.

После поминати само два месеца играјќи ја играта, испитаниците имале поголемо просторно и епизодно памтење во споредба со оние кои „тренирале“ со 2D игри или учеле да свират.

Заклучокот на канадските научници е дека 3D игрите како Super Mario можат да го подобрат капацитетот на мозокот и да помогнат во превенција од деменција, и тоа како кај постарите, така и кај помладите возрасни лица.

Професор Грегори Вест – предводник на истражувањето, верува дека овие откритија можат да користат во откривање на нови начини за заштита на постарите луѓе од деменција. 3D игрите го поттикнуваат хипокампусот да креира ментална слика на виртуелното опкружување, а неколку истражувања сугерираат дека токму таквата стимулација на мозокот ја зголемува функционалната активност во сивата маса во тој дел од мозокот“.

- Реклама -