Кој ним ќе им ја врати надежта?

Како вели онаа народната, сложни попови и во петоци си мрсат. Така и нашиве елити заглавени во табори со мртва идеологија, поделени на леви и десни, сложно си мрсат, си го товараат багажот, дерат од даноците преку кои јадниот и раскаран народ го полни нивниот буџет. Буџет во кој нема средства за лекување болни деца, но има за бонуси и награди во тие стотици паразитски комисии во кои тие членуваат. Кој да им ја врати надежта на болните деца? Кој да се погрижи за да се врати насмевката на нивните лица? Тоа сме ние, хуманите луѓе, кои никогаш нема да останеме рамнодушни на сториите каде родителот е беспомошен во битката, на своето дете да му го врати здравјето. Тие се оставени на вољата на Бога и на трулиот систем кој ги става на опашката на чекалната.

И сета таа извртена и изопачена реалност веќе си ја голтаме како обична. Монолитни ликови и монолитни приказни. Кога треба да го поделат колачот помеѓу себе, партиските елити забораваат на војната која ја глумат пред јавноста. Нема ни режим ни хунта тогаш. Кркаат и товарат парица до зајдување. Останува само јадот кај оние кои слепо им се поклониле и кои верувале дека тие нивните се добрите а тие другите лошите. Јок. Подеднакво се лоши и подеднакво се добри кога треба да го раскрчмат колачот. Како гладни и неуранети хиени. Законите тие си ги нашкрабале. Во нив, тие секогаш се исправни и на линија.

А кој да им ја врати надежта на оние кои наместо членска партиска книшка имаат диплома? Оние на кои националноста им е ЧОВЕК. На оние кои не сакаат да парадираат и да се сликаат со политичките моќници и имаат свои идоли во спортот, медицината, музиката, глумата? Нема надеж во земја каде ФБ страните на политичарите се најпопуларните и најпосетените. Нема надеж таму каде што здравата дискусија е угушена од малограѓанштина, ниско ниво на комуникација, озборувања и навреди. Една кинеска поговорка вели: Да прифатиш разговор на ниско ниво на дискусија е исто како да се валкаш со свиња во кал. На крај и двајцата ќе се извалкате во калта. На свињата тоа ќе и се допадне, на тебе не.

Кој ќе ја врати надежта на човекот чија вистина не е обоена во црно-белиот тон на двата табори, и има свои соништа подалеку од партиско вработување, партиска функција и добивање на партиски привилегии? Може ли човек кој не споделува изјави на политичари, не трча по нивните каравани да најде сонце под ова небо? Или ќе мора да потоне кон двата вители кои пустошат и грабаат сѐ пред себе, за да го прехранат своето стадо кое со неморал слепо им се поклонило?

Пак ќе се вратам кај болните деца. Надежта нивна ќе им ја држиме ние кои во себе ќе премолчиме секојпат кога државата ќе им рече дека нема пари за нивното лекување а има за алчните функционери кои си префрлаат по 5-10 плати плус од тоа што го одработиле. Стотици илјади евра за еден паразит се одлеваат од буџетот, за болните да ги лечиме со СМС пораки. Но кога ќе ги видам полните плоштади ширум државава на тие нивни политички собири, си викам…Ништо не е ова…Малку ни е….

Ќе помине многу време додека свеста ни проработи и додека да научиме дека пред сѐ сме луѓе. А не нечија нумеричка категорија

НАПИША: БУЛЕВАРКО за 365.com.mk

- Реклама -