Јавноста бара оставки од ДИК со онлајн-петиција

На интернет-петицијата за оставка на членовите од Државната изборна комисија веќе се потпишале повеќе од 3.100 граѓани на Република Македонија.

Македонската јавност е револтирана по обелоденувањето дека членовите на ДИК зад затворени врати одлучиле да си доделат бонуси на основа на прекувремена работа, ноќна работа, работа за празници и работа околу откажани избори.

Во петицијата се бара следново:

„Бараме оставка на деветте членови на Државната изборна комисија (ДИК) поради неетичко однесување и кршење на принципите за работа, објавени на веб-страницата на ДИК, кои меѓу другото гласат: ‘Постојано вршиме самоевалуирање затоа што сакаме постојано да ја унапредуваме нашата работа и секој нареден изборен циклус да биде подобар од претходниот. Притоа ја зголемуваме ефикасноста, ја спроведуваме работата со помалку напор и ја зголемуваме ефективноста со што ги намалуваме трошоците за својата работа.“

По избивањето на скандалот од ДИК се бранеа дека сите одлуки се донесени законски, но дека од службите за односи за јавност заборавиле да ги објават на веб-страницата. Подоцна, по бурните реакции на јавноста, членови на ДИК изјавија дека ќе ги вратат парите во буџетот или ќе ги донираат.

- Реклама -