Пациентот што докторите го оставија да умре поради тетоважа

Докторите во Мајами се соочиле со несекојдневна и многу зезната дилема кога во одделението за итна нега им пристигнал 70-годишен пациент во лоша состојба и со „Do Not Resuscitate“ („Да не се реанимира“, во смисла да не се попречува природна смрт) тетоважа на градите. Состојбата на пациентот се влошувала, но зборот „Not“ бил подвлечен, а во тетоважата бил вклучен и неговиот личен потпис.

Првично, докторите ја игнорирале „последната желба“ на пациентот и тргнале да го стабилизираат за да купат време, водејќи се од принципот „при нејасна ситуација, да не се избере пат од кој нема враќање“. Но едно било неизбежно – купот морални и легални прашања. Дали тоа што го пишува во тетоважата е тоа што пациентот стварно го сака? Дали е законски да го почитуваат/или да не го почитуваат неговото навидум барање? Дали е етички исправно?

Од една страна, секогаш постои можноста дека тетоважата е една од оние за кои тетовираниот жали подоцна во животот. Од друга страна, докторите го имале во предвид и поучниот пример од 2012 година, кога 59 годишен пациент со тетовирано „D.N.R.” на градите (скратено од истата фраза – Do Not Resuscitate) изјавил (бил во свесна состојба) дека сака докторите да направат сé што е потребно за да му го спасат животот, ако дојде до тоа. На прашањето зошто ја има тетоважата, одговорил дека изгубил облог на покер.

Пациентов во Мајами, меѓутоа, бил најден на улица, а пристигнал интоксициран и во бесознание, без идентификација, без семејство, блиски или пријатели, и без начин докторите да проценат дали сака да умре или да живее. Човекот имал инфекција што довела до септичен шок, што резултира со откажување на органите и низок крвен притисок. Докторите му дале инфузија, антибиотици и маска со кислород, но само за да го стабилизираат додека да решат дали да го приклучат на апарати за поддршка (life support).

Флорида, каде што се одвивала драмата, наложува „Do Not Resuscitate“ барањата (т.е. барања за неспасување живот) да бидат уредно испринтани на жолт документ (како на сликата) и потпишани од доктор. Правниот тим, меѓутоа, одлучил дека не може да има легални реперкусии ако се игнорира тетоважата и пациентот биде спасен. Сепак, од етичка перспектива, одлучено е дека не треба да се игра на стереотипот дека луѓето не го мислат тоа што го тетовираат, и дека треба да се почитува желбата на пациентот. Следствено, пациентот не бил приклучен на апарати, а починал следното утро.

За утеха, подоцна е утврден идентитетот на пациентот – живеел во старечки дом и имал долга историја на пулмонарни болести. Најден е и официјалниот „жолт“ документ со докторски потпис ставен на „Do Not Resuscitate“.

- Реклама -