Трагичен епилог на случајот со аргентинската подморница?

Како што пренесуваат странските медиуми, шансите дека екипажот од аргентинската подморница ќе биде спасен се намалуваат со секоја помината минута.

Роднините на исчезнатите се собрани на пристаништето околу базата Мар дел Плата. Тие обвинуваат дека со денови живеат во лажна надеж дека нивните најмили ќе се вратат живи, бидејќи се поочигледен е трагичниот исход од случката.

Некои пак, сметаат дека корупцијата и недоволното вложување во поморската војска довело до оваа трагедија.

Семејствата се бесни поради тоа што цела недела во медиумите се зборувало дека има надеж за спасување, а се поизвесно е дека всушност подморницата експлодирала и дека екипажот загинал уште истиот ден кога пловилото исчезнало од радарите. Еден од роднините тврди дека морнарицата го потврдила тоа, но не и пред јавноста.

Исто така, се отвора и прашањето за безбедноста и за дотрајаноста на опремата која ја поседува аргентинската морнарица. Наводно, пред извесно време биле предупредени дека со ваква опрема, тие ги праќаат своите вработени во самоубиствен поход.

Некои од шпекулациите велеа и дека се работи за можен напад, но истото за кратко било отфрлено како можност.

Сепак, се чека официјална потврда на истиве информации. Од центар за нуклеарни набљудувања било потврдено дека во регионот каде исчезна аргентинската подморница, во истиот период, бил забележан „абнормален, поединечен, краток, насилен, ненуклеарен настан“.

- Реклама -