Девојчето што доби втор живот

Зубаида тогаш имала 9 години. Живеела со своите родители и нивните осум други деца во провинцијата Фара во Авганистан. Во 2001, Зубаида сипувала керозин во домашната печка за готвење, додека била жешка. Горивото пламнало, а Зубаида почнала да гори. Се здобила со изгореници на лицето, вратот, градите и рацете. Кога пожарот бил изгасен, татко ѝ ја однел до блискиот доктор (колку што може да биде доктор во сиромашен регион како нивниот) каде ѝ биле дадени лекови во форма на креми и масти.

Состојбата ѝ се влошувала, па татко ѝ решил да ја однесе во болница во Иран. По 20 дена во болничка постела, докторите ја отпуштиле, советувајќи го татко ѝ да ја носи дома, зашто секако ќе умре.

Ама Зубаида не умре, но остана страшно изобличена, со сериозни функционални нарушувања и секако – со демолирана самодоверба.

Во февруари 2002, по препорака на локалните добронамерници, татко ѝ (Мухамад) ја однел во американската база во Кабул за да побара помош. Таму била прегледана од американските воени доктори, по што тие го контактирале американскиот Стејт департмент, а американскиот Стејт депармент го контактирал д-р Питер Гросман – пластичен и реконструктивен хирург од Калифорнија, за да види што може да биде направено.

Откако биле собрани потребните пари – над 1 милион долари (со помош на хуманитарната организација Children’s Burn Foundation од Калифорнија), Зубаида била донесена во Америка за да биде оперирана.

На Зубаида ѝ биле извршени 12 големи операции во текот на една година. Уште во првата ѝ биле направени две – за да ѝ се ослободи вратот, и да ѝ се пресади кожа земена од нејзиниот сопствен грб. Во следните четири операции биле третирани нејзината рака, очните капаци и усните.

Транформацијата била очигледна. „Изгледаше како чудна 80-годишна жена, а сега почна младо девојче да испливува на површината“, рече тогаш Гросман.

Трансформацијата не беше само физичка. Зубаида стануваше и Американка. Четири месеци по првата операција, веќе била доволно опоравена за да игра надвор. Но татко ѝ морал да се врати во Авганистан, а без место за живеење каде би продолжиле операциите, и Зубаида морала со него. Меѓутоа, во извонреден гест, докторот и неговата сопруга решаваат да станат нејзини легални старатели. „Некогаш едноставно чувствувате што е правилно, па правите нешта што никогаш не сте помислиле дека ќе ги направите“.

„Домата“ на Зубаида сега ѝ била елитна населба, во куќа со пространи соби, голем пошумен двор и гранитен базен. Почнала да оди и во училиште, по прв пат во животот. За само 12 недели научила англиски. Својот 11 роденден, опкружена со куп другарчиња, го прославила во американски стил. Веќе знаела дека сака да стане доктор, поточно педијатар, и да помогне да ја реизгради својата земја.

„Ја обожаваат“, рече тогаш Ребека – сопругата на хирургот. „Си рековме, ова е наше дете. Додека е тука, во нашава земја, таа е наше дете“, раскажуваше Питер.

11 месеци по првата операција, Зубаида ја имаше и својата 12-та и последна операција. Дојде време и за најтешкото – разделбата со Питер и Ребека, и враќањето дома. Колку и да уживаше во САД, на Зубаида ѝ недостасуваше семејството. Во идеален свет, според неа, Питер и Ребека би се преселиле со неа во Авганистан…

Нејзиното семејство било екстремно сиромашно и живеело во отсечено село каде што нема комуникација и училиштето е предалеку за да може Зубаида да го посетува. Но Питер знаел дека враќањето е неопходно.

„Ако дојдеш и ми речеш ‘те молам помогни му на моето дете’ и јас се согласам, и попат се грижиме за твоето дете, и еден ден ти речеме ‘Знаеш што? Можам да обезбедам подобар живот за неа, нема да ти ја вратам’… Би било ли тоа фер? Не“, вели Питер.

Така и се случило. По една година без да чујат збор за неа, долгоочекуваната средба со нејзиното семејство била страшно емотивна, со многу неконтролирани солзи радосници. Не можеле да го скријат восхитот од напредокот на Зубаида. За миг се претвориле во едно големо гордо семејство.

„Можеби немаат многу да ѝ дадат, но имаат огромна љубов. И Зубаида ја има за нив“, вели Питер.

Зубаида засекогаш ќе има лузни, но сите што ја сретнале се воодушевени од нејзината борба, веднаш ја засакуваат и тврдат дека е прекрасна и полна со живот. Ако тоа не е втор живот (благодарение на медицината), тогаш што е?

- Реклама -