Шведска го има најголемиот модел на сончевиот систем во светот

Шведскиот Соларен систем е најголемиот модел на нашиот планетарен систем во светот. Изграден е во размер од 1:20 милиони, а се протега низ целата територија на земјата.

Сонцето е претставено со Globe arena-та во Стокхолм – најголемата сферична зграда во светот. Планетите се позиционирани и се со големина во исто така соодветен размер. Сите поблиски планети до Сонцето се во Стокхолм, а Јупитер е на меѓународниот аеродром Арланда. Подалечните планети го следат истиот принцип: Сатурн е во Упсала, а Плутон (кој беше, па не беше, па сега кој ги знае веќе) во Делсбо, на 300 километри оддалеченост од Топката во Стокхолм. Моделот завршува во таканаречениот Termination Shock, на Институтот за астрофизика во Кируна, на 950 километри од „Сонцето“.

На секоја станица каде што се поставени планетите, има изложено информации од астрономијата и другите природни науки, како и за нордиската митологија и култура. Проектот е финансиран од Стокхолмскиот туристички борд, заедно со неколку музеи, театри, паркови и научни институции.

СОНЦЕТО

Како што рековме, Сонцето во шведскиот соларен систем е претставено со  Ericsson Globe арената во Стокхолм (викана и „Топката“), која воедно е и најголемата полусферична зграда во светот, со дијаметар од 110 метри. Овде се одржуваше и Евровизија во 2000-та и 2016-та година.

МЕРКУР

Меркур (со дијаметар од 25 сантиметри) е претставен во Градскиот музеј на Стокхолм, на 2.900 метри од Ericsson Globe. Моделот се загрева со електрична енергија, како симбол за тоа дека Меркур е многу жешка планета, барем на страната што е осветлена од Сонцето.

ВЕНЕРА

Венера (62 сантиметри во дијаметар) беше поставена на KTH (Кралскиот институт за Технологија), на 5.5 метри од „Сонцето“.

На 9 мај 2016-та е поставен нов модел, во паркот на „Куќата на науките“ (Vetenskapens Hus), во рамките на универзитетот AlbaNova, се разбира, пак Стокхолм.

ЗЕМЈАТА

Земјата (65 сантиметри во дијаметар) е лоцирана во Шведскиот музеј за историја на природата – Cosmonova, на 7.600 метри од „Сонцето“. Покрај макетата се изложени и сателитски снимки од Земјата.

Надвор од планетариумот во рамките на музејот, е поставен и модел на Месечината (со дијаметар од 18 сантиметри).

МАРС

Марс (35 сантиметри во дијаметар) е лоциран во Mörby Centrum – шопинг центар во предградие на Стокхолм. Се наоѓа на оддалеченост од 11.6 километри од „Сонцето“. Моделот е направен од бакар и има траги што претставуваат дел од  хемиските елементи типични за Марс.

ЈУПИТЕР

Јупитер (7.3 метри во дијаметар) беше претставен како цветна градина на тревникот на аеродромот во Арланда, на 40 километри северно од „Сонцето“ во Стокхолм. Различните цвеќиња ги претставуваа различните зони на гасовитиот џин. Денес на местото на цвеќињата има други објекти, но во план е да се направи 3Д модел на Јупитер.

САТУРН

Кај и да е, модел на Сатурн ќе почне да го краси училишниот планетариум во Упсала. Првиот чекор е направен во 2010-та, кога уметнички модел на месечината на Сатурн – Титан (на сликата) беше поставен во Куќата на Целзиус во централна Упсала, каде што работел астрономот Андерс Целзиус во 18-тиот век. Каков и да е моделот, ќе има (за да се запази размерот, нели) дијаметар од 6.1 метри, а ќе биде позициониран на 73 километри од „Сонцето“ .

УРАН

Симболичен и игрив модел на Уран е претставен во Lövstabruk, јужно од Gävle, на 146 километри од „Сонцето“. Поставен е во 2012-та, во близина на нуклеарната централа Forsmark, каде хемискиот елемент Ураниум има важна улога. Запазен е и невообичаениот наклон на оската на Уран. Има дијаметар од 2.6 метри.

НЕПТУН

Нептун (2.5 метри во дијаметар) е поставен крај реката Söderhamnsån во Содерхам – крајбрежен град со традиција на риболов и морепловство – што е паралела со Нептун како бог на морињата. Моделот е поставен на 229 километри од „Сонцето“, направен е од акрилат, а навечер свети со сина светлина.

ПЛУТОН

Плутон (12 сантиметри во дијаметар) и неговата месечина Харон се претставени во близина на езерата Dellen, во Делсбо, на 300 километри од „Сонцето“. За езерата се смета дека се формирани при удар од метеор пред 90 милиони години. Скулптурите на двете вселенски тела се поддржани од два налик мермерни столба, направени од деленит – редок минерал формиран на тоа место како последица од метеорот.

КРАЈОТ

Границата на нашата хелиосфера – најдалечното место каде соларните ветрови се движат со суперсонична брзина и Сонцето има најмало влијание, се вика Termination Shock (или Terminal Shock). Моментално нема скулптура, но поставена е основа за во иднина, лоцирана на Институтот за астрофизика во Кируна, на 950 километри од „Сонцето“.

Сите модели на останатите вселенски тела, погледнете ги на официјалната страна.

- Реклама -