Без застанување! Авионски лет којшто ќе трае 17 часа и 20 минути

Австралиската авионска компанија Qantas Airways набрзо ќе започне да лета со новиот Boeing 787-9 Dreamliner. Токму овој авион би требало постепено да ја замени нивната флота од Boeing 747-400 модели.

Qantas е авионска компанија којашто во својата понуда ги има некои од најдолгите летови на светот. И тоа не треба воопшто да не’ чуди кога е познато дека нивното седиште е токму во Австралија па затоа нивните авиони мора да изминат големи растојанија за да слетаат на европскиот или на американскиот континент.

Од седиштето на оваа компанија најавија дека од месец март, следната 2018-та година, ќе започнат да летаат од Перт до Лондон, без застанување, што значи лет којшто ќе трае цели 17 часа и 20 минути. И не само што ова ќе биде најдолг лет на оваа компанија, туку и прв редовен лет без застанување помеѓу Европа и Австралија.

Qantas ќе лета на оваа релација со својот прв Boeing 787-9 Dreamliner, којшто во компанијата ќе пристигне кон крајот на оваа година, а којшто веќе го добил името Great Southern Land.

До крајот на следната година австралиската авионска компанија би требало да добие и уште седум такви модели, а со текот на времето овие широкотрупни авиони би требало и во потполност да ја заменат флотата од старите Boeing 747-400 модели.

И иако летот на Qantas е исклучително долг, тој сепак не е најдолг на светот. Оваа титула моментално ја поседува Qatar Airways, компанија којашто со својот Boeing 777-200 полетува од Окленд на Нов Зеланд, а слетува во Доха, што претставува рута за којашто им се потребни 18 часа и 10 минути.

- Реклама -