Швајцарско село ќе плаќа по 70.000 франци за секое странско семејство што ќе се досели

На 30-ти ноември, жителите на швајцарското село Албинен (во кантонот Валеи) ќе одлучуваат по новиот предлог според кој на странците што ќе се решат да се доселат и живеат барем 10 години во селото, ќе им се исплатат и до 70.000 евра за четиричлено семејство.

Албинен, каде моментално живеат 240 жители, е уште едно од многуте села во Швајцарија кои во последните години доживуваат масовно иселување, особено на младите семејства. Иако е полно со викендици, селото во последните години го имаат напуштено три семејства со осум (вкупно) деца, по што локалната власт морала да го затвори локалното училиште. Затоа сега жителите бараат од локалните власти да преземат мерки со кои Албинен ќе се врати во живот и ќе му се обезбеди опстанок и иднина.

Планот што се разгледува, како што спомнавме, е на семејствата и поединците, Швајцарци или странци, да им се исплатат по 25.000 франци за секое возрасно лице и дополнителни 10.000 франци за секое дете. Според тоа, четиричлено семејство би добило неповратен бонус од 70.000 франци.

Се разбира, постојат услови. Освен тоа што доселените мораат да живеат во селото барем 10 години, мора и да се помлади од 45 години, да инвестираат во купување или изградба на куќа со најмалку 200.000 франци, и тоа да им биде постојана адреса, а не викендица.

„Тоа е вложување во иднината на селото“, пишуваат локалните весници. Според нив, заедницата ќе профитира од новите семејства преку даноците, договорите за изградба, и од продажбата на намирници и други потребштини од локалната селска продавница. Сето тоа паралелно со оживувањето на селото, а во најдобар случај – и реотварање на селското училиште.

Освен 70-те илјади франци, со преселба во Албинен добивате и чист планински воздух и многу сончеви денови годишно, на надморска височина од 1.300 метри. Во селото баш и нема перспектива за работа, но најблиските големи градови се оддалечени на само 30 минути возење.

 

- Реклама -