Најголемите плински резервоари во Виена денес се градски кварт

Во некогаш индустрискиот виенски округ Simmering, некогаш имаше четири огромни плински резервоари, познати како „Gasometer“. Ги има и денес, ама денес во нив живеат луѓе.

Потекнуваат од 1899 година, и беа едни од најголемите резервоари за складирање гас во цела Европа. Преуредувањето се одвиваше од 1999 до 2001 година. Зачувувајќи го препознатливиот надворешен изглед, четворица познати инженери го претворија тоа што беше останато како индустриски споменик – во градски кварт.

Секој од четирите гасометри е висок по 75 метри. Големината на објектите полесно се доловува преку фактот што во секој од нив може лесно да собере Виенско (читај: панорамско) тркало.

Денес гасометрите претставуваат значајна населба и прераснаа во град во град. Внатрешната содржина вклучува музичка сала со капацитет од 2000-3000 луѓе, кино, студентски дом, градска архива, трговски центар со околу 70 продавници, и други погодности.

Што се однесува до станбениот простор, има 800 апартмани во кои живеат 1600 постојани жители, и околу 100 студентски апартмани со 250 студенти. Околу две третини од ѕидовите се оригиналните ѕидови направени од цигла.

- Реклама -