Што значи „Алаху Акбар“ и каде сé можеш да го употребиш

Можеш да ги шеташ децата по улица и пријател муслиман да наиде, да ги штипне по обравчињата и да рече: „Уф, колку се слатки и колку пораснале. Алаху Акбар!“. Притоа, шансите дека ќе се саморазнесе се… ич. Едноставно човекот сака да каже дека ете, господ е голем штом создал така совршени деца.

Денес, на толку многу терористички напади извршени од радикални исламисти, тоа е малку тешко да се прифати, но изразот не би требало по дифолт да е резервиран за џихадисти. Едноставно, доаѓа од арапската фраза што значи „Господ (Алах) е голем“. Да, ја извикувал возачот што покоси 20 луѓе на Менхетн, напаѓачите на францускиот весник Шарли Ебдо, или напаѓачите што касапеа луѓе по Лондон Бриџ. Но за обичните муслимани изразот е толку чест и невреден за внимание, што дури го користат и потсвесно.

Да, потеклото му е исклучиво религиозно. „Алаху Акбар“ се споменува во повикот за молитва што ечи од џамиите пет пати дневно, а потоа и во самите молитви. Но употребата е проширена и далеку надвор од џамиите.

На пример, нешто добро ќе ти се случи и пријател муслиман ќе ти рече „Честитки, Алаху Акбар“, во смисла дека тоа што ти се случило е божји благослов и поради тоа Бог/Алах е голем, објаснува Х.А. Хејлер, професор по религија и политика од Лондон.

Или друг пример, со уште понерелигиозна употреба: Гледаш фудбал, малку време до крајот, напнато е, а евентуален гол ќе значи победа. Твојот тим оди во напад, а ти навиваш „Алаху Акбар, Алаху Акбар, Алаху Акбар“, исто како што навиваш „Ајде господе, ајде господе, те молам“ кога гледаш Вардар (макар бил и атеист), или како што Надал се самомотивира со „вамос!“ кога игра важни поени.

Има и уште попрозаична употреба. На пример, гледаш прекрасна девојка\жена (или жена гледа прекрасен маж) и коментираш „Алаху Акбар“ во смисла „каква убавица!“.

* * *

Ко што рековме, во денешно време изразот како да си го присвоија џихадистите. Не дека е неразбирлив стравот што изразот го буди кај немуслиманите. Такви недоразбирања едноставно се чести во тензични ситуации, а кога постојат јазични бариери. Но сепак, стравот од „Алаху Акбар“ некогаш оди до траги-комични граници.

Лани на пример, британски студент беше симнат од авион откако патник што седел до него го пријавил затоа што при телефонскиот разговор со чичко му рекол: „иншала“ („ако даде Господ/Алах“, или „со божја волја“). Студентов уствари сакал да каже „ќе ти се јавам кога ќе слетам, само здравје, прво да слетам“, ама ете, завршил под истрага.

Дури и во 1999, кога авион на EgyptAir необјасниво падна во Атлантскиот океан, американските истражители заклучија дека бил намерно урнат, бидејќи аудио-рекордерот снимил член на екипажот што изговорил „Tawakilt ala Allah“, што во превод значи „имам доверба во Господ/Алах“, т.е. во контекст „верувам дека сум безбеден во негови раце“.  Ама не, за истражителите звучело како да има зла намера, иако веројатно само се работело за човек што ја прифаќа својата судбина, што многу муслимани би го потврдиле.

* * *

Секако, значењето на секој израз, особено кога е „контроверзен“ како овој, зависи од тоа кој и каде го кажува. За терористот што извикува „Алаху Акбар“ секако дека има поинакво значење од „Алаху Акбар“-от на обичниот муслиман кој гледа фудбал. Поентата, по стоти пат, е дека е најважен контекстот, и дека паранојата секогаш треба да ни биде на минимум.

New York Times

- Реклама -