Која е максималната старост на денешниот човек?

Холандски научници тврдат дека и покрај општиот тренд на продолжување на просечната должина на животот, жените не можат да доживеат до повеќе од 115.7 години, а мажите – до повеќе од 114.1 години. Статистичарите од Универзитетот во Тилбург и Ротердам анализирале податоци на 75.000 Холанѓани со регистрирана точна возраст при смртта. Податоците се однесуваат на последните три децении.

Истражувањето покажува дека во разгледуваниот период бројот на луѓето на возраст од 95 години во Холандија е тројно зголемен. Но… „Во просек луѓето живеат подолго, но најстарите меѓу нас не станаа постари во последните 30 години“, вели проф. Џон Ејнмал – еден од тројцата научници зад истражувањето. „Несомнено сме соочени со бариера. Горната граница не е променета. Луѓето не доживуваат длабока старост како порано“.

Резултатите се совпаѓаат со оние на американските научници, кои врз основа на податоците од САД дојдоа до слични заклучоци.

Се разбира, секогаш има исклучоци. Еден таков е Французинката Жан Калман – најдолговечниот човек во светот (со потврден датум на раѓање), со животен век од 122 години и 164 дена. Почина во 1997 година.

- Реклама -