Тинејџер починал после два дена во камп за одвикнување од интернет

Кинески родители го праќаат 18-годишниот син во камп за одвикнување од интернет. Два дена подоцна им соопштуваат дека е мртов.

Последниве години камповите за одвикнување од интернет и видео игри се мошне популарни во Кина, и покрај тоа што се познати по многу строга дисциплина, која неретко вклучува и физичко тепање и електрошок терапии.

18-годишниот Кинез, кој почина во рехабилитациониот „центар“ во Фујанг на почетокот на месецов, наводно не бил физички казнуван, велат од кампот. Родителите го тврдат обратното, дека докторите на неговото тело нашле повеќе од 20 повреди, како и неколку внатрешни.

„Мојот син беше во лузни од глава до пети“, изјави неговата мајка за локалните медиуми.

Причината за смртта сé уште не е потврдена, ама директорот и четворица од воспитувачите од кампот се во притвор. Кампот, во меѓувреме, е затворен.

Според британски Телеграф, кампот бил илегален и веќе бил пуштен налог да биде затворен.

Слични трагедии се имаат случено и во други кампови. Од „рехабилитационо“ претепување настрадаа и еден 15-годишник и еден 19-годишник. Ама хеј, битно сега се на подобро место, а не на интернет. Нели?!

- Реклама -