Смартфоните го менуваат начинот на кој одиме

Истражувачите од британскиот универзитет Anglia Ruskin го открија очигледното – дека луѓето помалку внимаваат на својата околина додека се движат зјапајќи во смартфонот. Но попатно дојдоа и до некои поинтересни сознанија. На пример, колку всушност сме поневнимателни, но и како тоа се одразува на нашето движење.

Истражувачите ги набљудувале испитаниците додека се движеле по патека со ниски препреки и бележеле кога и каде им се движи погледот. Испитаниците биле набљудувани во три ситуации: кога куцале и читале пораки, додека разговарале на телефон, и кога не го користеле смартфонот.

Се покажало дека при користење на уредот, помалку внимаваме на препреките на патот за дури 61%. Од друга страна, го менуваме начинот на одење. Одот станува попретпазлив, а при секој чекор нозете ги креваме повеќе од потребното, особено кога поминуваме преку детектираните пречки. Кратко речено – изгледаме страшно глупо.

Промените се највидливи кај луѓето кои пишуваат пораки во движење. Причината е очигледна – куцањето пораки бара најмногу фокус, што остава помалку простор за фокус на одењето.

Ако до пред 2-3 години посебните пешачки ленти за зјапачи во телефон беа реткост и ги пренесувавме како вести, денес никнуваат секојдневно и сосема непомпезно ширум светот. Во меѓувреме еволуираше и сигнализацијата на истите (види слика горе). Дури измисливме и нови семафори. И сето ова за да спречиме, не дај боже, пу пу, зјапачот да се сопне… и можеби да се опамети.

- Реклама -