Машко или женско? Само ќе си одбере…

Зошто сé повеќе родители се качуваат на возот на современиот тренд (земете го ова „тренд“ со резерва) да воспитуваат безполови деца? На прв поглед, тоа звучи сосема рационално: сакаат следното поколение да расте необременето од наметнатните стереотипи, според кои, најгрубо речено, момчињата си играат со колички, а девојчињата – со кукли. Веќе не е новост и реткост родителите намерно да избегнуваат да ги облекуваат своите деца во сино и розево, а повеќето детски соби сé почесто се бојосани во „полово неутрални“ бои, како жолта, зелена, крем и сл.

Неодамна Канада ја издаде првата здравствена книшка на 8-месечно бебе во која полот е означен со буквата „U“ – од „unspecified“ т.е. неопределен. Родител на детето е Кори Доти – транссексуален професор во локалното училиште, кој самиот себе не се определува за ниту еден од двата пола.

Бебето е родено минатиот ноември и носи неутрално име – Сирил Атли. Според татко му (ако може така да го речеме), на Сирил допрва му/ѝ претстои шансата да избере што сака да биде, „без да му/ѝ бидат наметнати нормите и сфаќањата на општеството“. Во меѓувреме, Кори ќе се бори полот на детето да биде избришан од сите возможни официјални документи.

Сега за сега, канадските власти одбиваат да го тргнат полот на бебето од изводот за родените, а реагираат и специјалистите; доктори и психолози изразуваат длабока загриженост околу тоа колку е здраво одгледувањето на полово неутрални деца.

Но, двата пола се различни и на психички и на физички план уште од најрана возраст, а тоа се „пречки“ (ете, според некои) кои не можат да бидат заобиколени, без разлика на воспитувањето и семејната средина. Според многумина, а особено експертите, не само што да ја измамиш природата е невозможно, туку и штетно.

Во 2002 година, американското списание „Psychology today“ спроведе интересен експеримент. Во експериментот учествувале 88 мајмуни – 44 женски и 44 машки примероци. Дадени им се (стерео)типично машки и женски играчки, како и „полово неутрални“ играчки, како мечиња и боенки. Резултатите се интересни, да, но не се изненадувачки за експертите кои го набљудувале однесувањето. Имено, машките мајмуни преферирале топка и камиончиња, а женските – мини-кујна за деца и кукла.

Е сега, многумина би ги оспориле сознанијата од експериментот со фактот дека приматите не се луѓе, и затоа не можеме да извлечеме валидни заклучоци. Но овие мајмуни никогаш не биле дресирани од луѓе, и никогаш претходно немале видено играчки. Следствено, не е можно да биле под влијание на општествени стереотипи (плус, нели не се луѓе?). А ете, сепак ги пројавуваат истите преференци според полот, како и луѓето. Кори сигурно би одговорил дека токму тие преференци кај децата се тие наметнатите од општеството, ама тешко ќе нé убеди дека ќе нема голем број машки деца што ќе изберат камиони и голем број женски деца што ќе изберат кукли, дури и кога не би биле под влијание. За жал, таков експеримент е невозможно да се спроведе, освен ако ете, не земеме да израснеме одредена група деца во карантин од надворешниот свет.

Како и да е, трендот на избирање на „стереотипни“ играчки може да се забележи кај децата на возраст од 1 до 5 години. Тогаш најмногу се условуваат разликите меѓу половите, а тоа продолжува и во првите години во училиште. Психолозите прилично лесно ги објаснуваат ваквите преференци, за кои сметаат дека се вродени, а не наметнати. Имено, девојчињата несвесно избираат играчки кои им помагаат да ги развијат вештините на комуникација и социјализација. Оттаму изборот на кукли и разните игри со играње на улоги, при што се емулира комуникацијата со која се служат возрасните. Момчињата, пак, несвесно се насочуваат кон играчки кои бараат/развиваат механички и технички знаења – како модели на коли, камиони, авиони и сл. Така машките деца го развиваат просторното мислење и фината моторика на телото.

Но без оглед на тоа кога стануваат видливи, овие преференци се формираат многу порано од возраста на активно играње и интерес – според научниците, некаде околу 9-тиот месец по раѓањето. Тоа е многу порано од моментот кога децата почнуваат да ги осознаваат разликите меѓу половите, кое обично се случува најрано околу 18-тиот месец.

Токму затоа многу од родителите кои се обидуваат да израснат полово неутрални деца, со изненадување утврдуваат дека и покрај сé, нивните деца сепак се привлечени од играчки во склад со утврдените стереотипи.

Во еден друг сличен експеримент на „Psychology today“, на машки деца им се дадени тенџериња и тави, но тие не пројавиле никаков интерес. Кога истите им биле дадени на девојчиња на иста возраст, тие веднаш почнуваат да си играат „куќа“. И сé ова и покрај неутралното домашно воспитување.

Развиването на поголеми социјални вештини кај девојчињата води кон тоа дека во многу показатели ги надминуваат момчињата во првите години во училиште. Во игрите, девојчињата уште од мали навикнуваат повеќе да разговараат меѓусебно. Момчињата, од друга страна, се занимаваат со поактивни игри со помалку вербална комуникација.

*  *  *

Но, рековме, немаме на располагање деца пораснати во карантин за резултатите да бидат „стерилни“ (најблиску до такво нешто се мајмуните). Однесувањето, барем делумно, може да се припише на тоа што го гледаат – сепак децата уште од најмали учат преку копирање и имитација на околината, особено на родителите.

Но дури и целосно да ги отфрлиме сите заклучоци погоре како „наметнато однесување“, не можеме да избегаме од еден друг факт:

Разликите меѓу двата пола не се само психолошки

Исклучително важно за родителите е да посветат внимание и на физичкиот аспект при одгледувањето и воспитувањето на нивните деца, особено пред да проценат дека е подобро да ги воспитуваат како „безполови“.

Женскиот и машкиот организам функционираат изразито различно дури и пред половото созревање. Под влијание на тестостеронот, машките деца имаат високо ниво на активност и привлечност кон „побујни“ и погласни игри. Нивната избувлива природа е во изразит контраст со помирниот карактер на нивните врснички, кои преферираат „потивки“ занимации, игри и спортови.

Така, насилното наметнување на полова неутралност може да доведе до сериозна конфузија и психолошка штета кај децата, кои допрва се развиваат и се ориентираат во светот на возрасните. Уште посериозен проблем за „безполовите“ деца може да се јави при настапувањето на пубертетот. Денес тој процес започнува 8 и 13-годишна возраст кај девојчињата, и меѓу 9 и 15-годишна возраст кај момчињата.

Во обид да израснат полово неутрални деца, многу од родителите избегнуваат да говорат на тема сексуалност и сексуално созревање со своите деца. Како резултат, децата често растат без сеопфатна информација и подготовка околу тоа какви промени треба да очекуваат од сопственото тело во тој важен период. Шокот од неочекуваните промени, во комбинација со хормоналната бура која доаѓа заедно со пубертетот, се сериозна основа за стрес и депресија кај адолесцентите кои поради сфаќањата на своите родители до тој момент немале јасно определен пол.

Во таков случај, или порано – сеедно, родителите сепак ќе бидат принудени да ги објаснат чисто физиолошките разлики меѓу машкото и женското тело и нивните одделни функции. Нешта, за кои голем дел од врсниците на таквите деца веројатно ќе бидат свесни од многу порано.

 *  *  *

Колку и да се модерни, современи и добронамерни обидите да израснеме полово неутрални деца, не можеме да ја игнорираме биологијата и нејзината улога во нашите животи.

Да го запознаеш детето со особеностите на двата пола не те прави сексист или поддржувач на конзервативните јавни стереотипи. Купувањето на за детето неинтересни играчки, и неговото присилно лишување од карактеристиките на неговиот пол, е просто само одење против неговата природа.

Резултатот би можел да биде збунето, несигурно во себе и дури и депресивно дете. Наместо тоа, психолозите препорачуваат современите родители да ги насочуваат децата кон традиционални игри како брканица или игри со/во вода.

На крајот, ама не и најмалку важно; најдобро е детето да биде оставено само да се насочи кон активностите кои му се интересни, и евентуално да се поттикнува да им посветува повеќе внимание.

Што се однесува до психолошката стабилност, за детето најдобро ќе биде ако се почитува неговиот глас и право на избор. Тоа не значи од раѓање да го учите дека постои погрешен пол. Тоа значи дека ако евентуално еден ден самото реши дека растело „во погрешен пол“, вие треба да сте тука за него и да му ја понудите потребната љубов, разбирање и поддршка. Сé друго е за лајкови (буквални и фигуративни), а не за доброто на детето.

- Реклама -