Американски турист во Дубровник

Американските туристи во Дубровник (како и во многу други туристички локации) се познати како слаби познавачи на географијата и историјата, луѓе кои тешко се снаоѓаат во Европа и уште потешко се ориентираат. Некогаш не знаат ни во која држава се наоѓаат.

Често се случува за нив Дубровник да е град во Грција. Дневникот Дубровачки ги правда со тоа што голем дел од туристите од САД за кратко време обиколуваат многу европски туристички земји, па демек не е чудно да се збунат и да ги помешаат моменталните локации.

Но за некои резили нема оправдување. Еден американски турист, на пример, на дубровничкиот туристички работник му рекол дека е изнаден што во Дубровник е чисто. Зачуден, овој го прашал „а зошто не би било?“.

„Па… овај… обично е нечисто во новооткриените и сиромашни држави, зар не?“, му одговорил Американецот.

Да бил некој наш (охриѓанец, да речеме), веројатно ќе се мајтапел со туристов. Ама дубровчанецов се напнал:

„Хрватска новооткриена? Како тоа новооткриена?“

Образложението на туристот било дека „па ете, туристите прв пат ја открија благодарение на снимањето на Game of Thrones“…

Хрватот веќе не можел да се воздржи, па му плеснал сé во лице. Дека канализацискиот систем на Дубровник е постар од неговата држава, меѓу другото, пишува Дубровачки.

- Реклама -