Дрога, бактерии, фекалии… Што сé има на парите?

Човечките суштества се всушност расадник на бактерии каде и да се појават. Ако има некој што е во заблуда дека парите се некако исклучок, веројатно е единствен. Ама изгледа е малку полошо отколку што претпоставувавме.

Резултатите од научната студија на Универзитетот во Њујорк, објавена во април, покажуваат дека на парите (банкнотите особено) кои кружат во населените средини со голем број луѓе, во случајов Њујорк, се наоѓаат стотина различни слоеви бактерии. Да не ве плашиме, ама најдени се салмонела, стафилококи, ешерихија коли, а и Propionibacterium acnes – бактерија која предизвикува појава на акни.

Ама има уште „ама“. Како на пример, „ама тоа не е сé“. На 80% од примероците се најдени и траги од кокаин, а забележани се и траги од морфиум, хероин, метамфетамини и амфетамини.

Како шлаг на таа торта, на парите има и остатоци од храна, ДНК траги од домашни миленици, траги од фекални материи…

Иако тешки болести прилично ретко се пренесуваат преку банкнотите, целта на студијата е и да се најде најдобриот начин за „перење“ на парите кога се во фаза меѓу трансакции. На пример, изложувањето на старите банкноти на јаглен-диоксид на одредени температури и под одреден притисок доведува до отстранување на маслата и нечистотиите кои доаѓаат од човечките прсти, додека високите температури ги убиваат микробите, кои инаку непречено опстануваат на банкнотите.

Во меѓувреме, истражувачите ве советуваат по допир на пари секако да избегнувате контакт со кожата, и нормално, добро да ги измиете рацете, особено пред јадење. А да, и еден совет од нас: ако имате проблем со акни, проверете да не сте пребогати.

- Реклама -