Не, MP3 форматот не е мртов!

Минатиот месец, компанијата што го измисли MP3 форматот објави кратка напомена на својот вебсајт: дека веќе нема да ја лиценцира употребата на нивниот кодек. Новинарите ширум светот се изнапишаа дека не само што MP3 e и официјално мртов, туку дека е „убиен“ од своите создатели. А всушност, реалноста е дека MP3 форматот е жив како и пред еден месец, ако не и пожив од било кога.

Создаден и патентиран од германската компанија Fraunhofer IIS во доцните 1980-ти, MP3 форматот стана најдоминантниот аудио кодек во историјата, најмногу благодарение на тоа што им беше омилен на пиратите, тврди Стивен Вит – MP3 историчар (ете, и тоа имало) и автор на How Music Got Free.

Можеби најмногу го користеа пиратите, но Fraunhofer, како сопственик на патентот, се утепа од правење пари со години продавајќи им ја лиценцата за користење на големите софтверски и хардверски компании – компанијата заработуваше мал дел од секој продаден iPod и MP3 плеер. Заработуваше и од аудио-софтверските компании, кои мораа да платат за да ја имплементираат можноста за MP3 енкодирање во своите програми.

Со други зборови, напомената на компанијата вели дека Fraunhofer ја гаси „програмата за лиценцирање“ на форматот, со тоа отворајќи ги вратите за бесплатно и непречено користење на истиот. Дека денес има поквалитетни и поефикасни методи на енкодирање на аудио – има (најголемите стриминг сервиси користат OGG и AAC), но потегот на Fraunhofer всушност значи дека сега е полесно од било кога да се користи неправедно прогласениот за мртов MP3. Создателите никогаш не го прогласија за таков.

„Програмата е во пад веќе неколку години поради стримингот, но сега веќе не морате да им се обратите на Fraunhofer за да добиете дозвола за користење. Fraunhofer заработија милијарди долари од ова нешто, но како извор на профит за нив е готово. Сега е еден вид на технологија со слободно и бесплатно користење“, објаснува Вит.

Вит додава дека потегот бил очекуван веќе долго време, но и дека дури и Fraunhofer да сакаат да го убијат форматот, немаат моќ да го направат тоа. Едноставно, луѓето што креираат софтвер, хардвер и слично, не се во состојба да одлучуваат за смртта на некоја технологија. Примери има еден куп: болниците, телеком компаниите и другите установи се подложни на хакерски напади затоа што сé уште го користат „мртвиот“ Windows XP; а и преносните плеери Zune и iPod Classic сé уште имаат здрава клиентела која ги користи. Дури има и нови оперативни системи за „мртвиот“ Apple II – компјутер стар 40 години.

Значи, единствено корисниците се тие што решаваат кога некоја технологија ќе умре. Од друга страна, ниту една компанија не може да „убие“ нешто што стои како .mp3 фајл зачуван во вашиот компјутер, макар тоа биле и создателите.

Од друга страна, баш и не можете да „убиете“ нешто што ја остварило својата цел, како што тоа го направи и МП3 форматот.

„Причината за создавање на МП3 форматот беше да се земат податоците зачувани на компакт дисковите, да се компресираат, и потоа да се стримуваат на телефоните“, објаснува Вит. „Затоа беше создаден, и 30 години подоцна – визијата се исполни“.

Убивањето на MP3 форматот е и практично невозможно. МП3 е всушност основната технологија од која AAC и OOG многу позајмија за да ја остварат истата цел како и на МП3-ката: стримување на аудио содржини.

„Наставката на фајлот не е толку важна колку што се важни алгоритмите за компресија и основната технологија што ја овозможува нивната работа. ДНК-та (на МП3) се користи во секој стриминг сервис, и практично воопшто не е застарена. Основната технологија не е сменета“.

Извор: Motherboard

- Реклама -