Најмил 200 луѓе да му глумат гости на свадбата

Тоа што требаше да биде најсреќниот ден во животот на еден млад пар од Кина, се претвори во вистински бизарно сценарио какво што може да се случи само на филм. Сé било супер до моментот додека станало јасно дека младоженецот најмил 200 непознати луѓе да се преправаат дека му се пријатели и роднини на свадбата.

Младоженецот (ословуван во јавноста само како Ванг) и неговата свршеница требало да се венчаат на 30 април, за време на голема свадбена церемонија во хотел во Ксијан. Било тоа навидум обична свадба, но по некое време на гостите на невестата им станало чудно што половина од масите резервирани за гостите на младоженецот се сé уште празни. Ванг упорно ги убедувал дека се на пат и кај и да е ќе стигнат, но уште почудно било што при разговорите со невестата и родителите, никој од неговите гости не знаел да каже од каде го познава, иако сите тврделе дека му се пријатели.

Откако прославата продолжила да тече, а од родителите на Ванг немало никаква трага, на невестата и семејството веќе им било јасно дека нешто не е како што треба, па ја повикале полицијата.

Кога полицијата пристигнала и почнала да ги испрашува гостите на младоженецот, дел од нив попуштиле под притисокот и признале дека никогаш порано не го сретнале. Некои биле студенти, други биле таксисти, ама сите имале нешто заедничко – биле контактирани од Ванг преку друштвената мрежа WeChat, и им биле понудени по 80 јуани (12 долари) за да присуствуваат на свадбата во улога на негови пријатели и роднини. Дел од нив дури и ги чувале пораките, кои ги покажале како доказ.

За новинарите, збунетата невеста и семејството изјавиле дека парот бил заедно три години, и дека никој никогаш не помислил дека Ванг е способен за такво нешто. „Секогаш беше добар со мене, секогаш ги плаќаше сметките и ми удоволуваше“, изјави несудената невеста. „Но сега кога ќе се сетам, немавме заеднички пријатели и родителите што ги запознав веројатно беа исто така најмени“.

Драмата стана вирална на кинеските друштвени мрежи, па стигна и до BBC, кои не објаснија зошто всушност се случил целиов настан. Да, да платиш 200 гости е многу чудно, ама тешко дека е криминал казнив со затвор било каде во светот.

Случајот го разјаснија кинеските медиуми дури вчера, кога објаснија дека Ванг е уапсен поради измама. Тој е обвинет дека успеал да се докачи до над 1.1 милион јуани (160.000 долари) од семејството во последните две години. Во 2015-та, Ванг наводно позајмил 400.000 јуани за да поправи извесни неправилности со капиталот во компанијата во која работел. Порано годинава им побарал уште 700.000 јуани, за да може да ѝ купи кола на ќерка им – неговата идна невеста.

„Ова можевме да бидеме ние, ама ти реши да ме крадеш.“

По целата драма со гостите на свадбата, невестата и семејството биле убедени дека Ванг се жени само заради парите.

Ама тоа не е целата приказна поради која заврши во затвор. По деталната проверка, полицијата откри дека Ванг има само 20 години – т.е. дека е две години помлад од минималната дозволена граница за брак од 22 години.

По медиумското внимание кон настанот, се појавиле и неговите вистински родители. Притоа, се понудиле да ѝ ги исплатат на невестата сите пари што нивниот ги позајмил од нејзиното семејство.

https://youtu.be/kjv8EahHdGU

Да си ѓубре понекогаш и се исплати. Сепак, влакно фалело да му успее планот. Ама не се исплати да си стиснат. Да најмел професионални актери, Ванг сега ќе беше среќно оженет за парите на жена му. Со оглед на размерот на измамата и големата популарност во Кина на сервисите кои изнајмуваат лажни пријатели, лажни вработени, па дури и лажни свршеници, човек може само да му се смее што решил да си купи гости од тие евтините, за по 12 долари од човек.

- Реклама -