Зошто Русите пијат толку многу?

Во 2011 година, на Интернет се појави избор од забавни факти за Русија, собрани од некој си Канаѓанец, наставник по англиски јазик во Москва. Со некои од заклучоците во неа Русите не се согласуваат (од типот на тоа дека никогаш не велат „благодарам“ и „те молам“), но редниот број 17 не предизвика отпор кај никого: „Русите пијат многу вотка. Ова не е мит“.

Сведоштва за љубовта на Русија кон алкохолот среќаваме уште од времињата кога самата Русија не постоела. Според „Повеста за минатите години“ од XII век, еден од кнезовите на древна Русија – Владимир, додека решава во која вера да ги однесе Словените безбожници, го одбива исламот затоа што го забранува алкохолот. „Русите се веселат зашто пијат: без тоа не можат да живеат“, вели кнезот.

Патем, тогаш Русите не пиеле вотка, туку вино и алкохолни пијалаци од мед. Во Русија, според историчарите, вотката се појавува не порано од XVI век, но брзо станува, помеѓу мечките и матрјошките, еден но симболите на земјата. Во поемата „Москва – Петушки“, советскиот писател Венедикт Ерофеев дури иронично препорачува да се одреди границата меѓу Русија и Европа според употребата на алкохол: „Од едната страна на границата зборуваат руски и пијат повеќе, а од другата – пијат помалку и зборуваат на неруски…“

Генетика и историја 

Зошто всушност Русите пијат толку многу? Една од причините, тврди докторот на биолошки науки Светлана Боринскаја, е во генетиката: организмот на Русите, како и на другите Европејци, полека го преработува алкохолот во токсичниот ацеталдехид, кој предизвикува мамурливост и други непријатни ефекти. Кај Јапонците или Кинезите, на пример, овој процес се одвива значително побрзо, и затоа повеќето од нив не можат да поднесат многу алкохол. „Може да се каже дека гените не ги тераат Русите да пијат, но им дозволуваат да пијат“, појаснува Боринскаја. Со други зборови, Русите имаат генетски предиспозиции да пијат.

Надвор од генетските, има и други причини, кои се поврзани со тоа како во Русија државата ја регулира потрошувачката на алкохол. Во XVI-XVII век, пишува историчарот Александар Пиџаков, царевите воведуваат систем на државни кафеани: нивните сопственици се обврзани на државата да ѝ платат одредена сума пари, без разлика колку вотка и вино се испило, а тоа ги стимулира трговците да продаваат колку што е можно повеќе алкохолни пијалоци. Владата добива големи приходи од продажбата, а жителите на Русија постепено се навикнуваат да пијат. „Власта систематски ги подучувала [Русите] да одат во кафеана“, констатира Пиџаков.

Со време, сепак, руската власт ја сфаќа опасноста од алкохоличарството во земјата. Во XIX и почетокот на XX век, се јавуваат движења за трезвеност, а на почетокот на Првата светска војна во 1914 година, Николај II воведува целосна забрана на алкохолот. Кога болшевиците доаѓаат на власт во 1917 година, тие ја задржуваат забраната, но само до 1923 година. Потоа во неколку наврати советската држава води антиалкохолни кампањи, а најголемата е организирана за време на Михаил Горбачов во периодот од 1985 до 1990 година. Тогаш продажбата на алкохол е ограничена на само пет часа на ден, цените се зголемени, а се уништувани и лозја.

Пијат помалку, ама пијат многу 

Ако од историјата се вратиме на денешницата, излегува дека сега Русите пијат уште повеќе. Додуша, во последните пет години – сé помалку. Според извештајот на Светската здравствена организација (СЗО), во 2010 година во Русија во просек по глава на жител се пиеле 15.1 литри алкохол годишно, што ја става Русија на четврто место во светот, зад Белорусија (17.5), Молдавија (16. 8) и Литванија (15.4). Веќе во 2016 година, според податоците на Федералната служба за надзор на заштитата на правата на потрошувачите и благосостојбата на луѓето – Роспотребнадзор, во Русија се пијат во просек по „над 10 литри чист алкохол“ по човек (точниот број не се наведува, но е помалку од 15 литри), годишно.

Како што може дa се види од бројките, Русите почнаа да пијат помалку“, забележува на крајот на 2016 година во статија за „Афиша“ експертот за вина Антон Обрезчиков. Од Роспотребнадзор се согласуваат со него: „потрошувачката на алкохол во споредба со 2009 година е намалена“. Од друга страна, Министерството потсетува на податоците на СЗО, кои велат дека ако годишно се пиe по над 8 литри алкохол по глава на жител, тогаш тоа е штетно за здравјето на населението. Значи, борбата против пиењето треба да продолжи, констатираат тие.

Оригиналниот текст е објавен на Руска реч на македонски

- Реклама -