Спомените во телефонот ти вредат 10 евра

Иако луѓето тврдат дека своите спомени ги ценат многу повеќе од кои било други податоци на дигиталните уреди, всушност тие би ги продале за многу малку пари, покажува истражувањето на Kaspersky Lab.

Кога зборуваме за дигитални податоци, се покажа дека за 49% од луѓето, приватните фотографии или фотографиите со чувствителна содржина на нивните уреди се највредното што го имаат. Второто највредно им се фотографиите од семејството. Губењето на тие фотографии, велат испитаниците, за нив е многу пострашно од, на пример, сообраќајна незгода или караница со пријател или член на семејството.

Кога ќе ги прашате, луѓето велат дека дигиталните спомени имаат посебно место во нивното срце затоа што се незаменливи… На пример, повеќе од 2/5 од луѓето велат дека се скапоцени фотографиите и видеата од нивните патувања (45%), од нивните деца (44%) или од самите нив (40%). Анкетата покажува дека самата помисла на губење на овие спомени ги вознемирува луѓето. Всушност, истражувањето на Kaspersky Lab покажува дека луѓето често повеќе ги ценат своите уреди и спомените во нив дури и од партнерите, пријателите или милениците.

На пример, испитаниците беа прашани да оценат колку би биле вознемирени во одредени ситуации, како: болест на член на семејството, раскинување со партнерот, сообраќајна несреќа, губење на фотографиите, губење на контактите на телефонот и сл. На глобално ниво, болеста на член од семејството се смета за најстресна ситуација од сите наведени. Кражбата или губењето на некој уред и губењето на фотографиите се на второ место. (Трети најзагрижувачки ситуации се сообраќајните несреќи).

Ама во целава работа има едно големо „демек“. Истражувањето – направено во соработка со психолози од Универзитетот Вурцбург, т.е. поточно испитаниците, покажаа контрадикторни резултати. Прашани за колку пари би се откажале од тие спомени, испитаниците одговорија сосема неочекувано – за многу мала цена. Во просек, би ги избришале за 10.37 евра.

Кога требало да стават конкретна парична вредност на конкретен тип на податоци, испитаниците највисока вредност им доделиле на финансиските податоци – во просек 13.33 евра. Контакт-информациите просечно биле проценети на 11.89 евра, а фотографиите на само 10.37 евра.

Да биде уште потрагично, кога на испитаниците им била дадена опција да изберат кои податоци да ги избришат за пари, најчестиот избор биле токму фотографиите од семејството и пријателите и селфињата.

„Ескпериментот покажа интересни и рефлективни резултати: иако луѓето веруваат дека ја разбираат вредноста на податоците, емоционалната вредност не се рефлектира во нивните секојдневни активности. Од една страна, тие се свесни за тоа кои податоци се најважни за нив – дигиталните спомени. Од друга страна, не се свесни за вредноста на податоците и затоа им доделуваат минимална парична вредност. Луѓето знаат дека тие имаат емоционална вредност, но не знаат да ја ценат истата. Им треба некој постојано да ги потсетува колку всушност вредат тие информации, пред да ги споделат или да дозволат некој да ги избрише“, сумира Андреј Мокола – одговорен за работа со корисници во Kaspersky Lab.

Извор: Иновативност.мк

- Реклама -