Забранетото овошје Coco de mer: Кокосот со форма на женски задник

На островите Praslin и Curieuse, на Сејшелите, расте едно од најексклузивните палмини дрва во светот. Coco de mer (Lodoicea maldivica) има високи и тенки стебла кои растат повисоки од 30 метри. Пречникот на листовите достигнува и до 5 метри. Кај созреаните дрва, листовите често имаат реси на рабовите.

Но сепак, најпрепознатливата карактеристика на coco de mer се неговите џиновски семиња/плодови – најголемите и најтешките семиња во светот на растенијата. Но не големината, туку формата ги прави славни: недвосмислено потсетуваат на женски задник. Тоа се гледа и од старото ботаничко име на coco de mer – Lodoicea callipyge, каде callipyge доаѓа од грчкиот јазик и значи „прекрасен задник“.

Coco de mer е можеби дрвото околу кое кружат најмногу мистерии и легенди од било кое друго дрво во светот. Уште пред многу векови, пред да бидат откриени и населени Сејшелите, плодовите од coco de mer завршувале, носени од брановите и морските струи, на далечните брегови. Така и на Малдивите, каде дрвото било сосема непознато. Таму го собирале од плажите и тргувале со другите земји. Поради необичната големина и форма, на плодот се гледало како на фасцинантен објект со особини на моќен афродизијак. А бидејќи „доаѓал од Малдивите“, бил наречен малдивски кокос. Тоа е имплементирано и во денешното име на плодот – Lodoicea MALDIVIca.

Кога плодот на coco de mer паѓа во морето, поради големата тежина и густина, не може да плови. Наместо тоа, тоне на дното. Откако ќе помине подолг период на дното на морето, лушпата омекнува и отпаѓа. Внатрешните делови на плодот почнуваат да гнијат, а гасовите што се формираат во внатрешноста како резултат, го прават плодот „пловлив“ (англискиот си има убав термин – buoyant). Така кокосот излегува на површината на водата. Многу морнари забележале дека плодот испливува од дното на морето, па мислеле дека расте на подводни дрва, во некаква шума на дното на Индискиот Океан. Оттаму и името coco de mer, кое на француски значи „кокос од морето“.

Во тие стари времиња, coco de mer имал голема вредност, и сите плодови кои биле наоѓани на површината на океанот или на околните брегови и плажи, станувале директна сопственост на кралевите, кои потоа ги продавале по многу висока цена или ги подарувале како скапоцени царски дарови. Принцовите од Блискиот Исток, па и римскиот император Рудолф II, нуделе вистинско богатство за овие ретки скапоцености.

Сепак, со тек на време, некаде во средината на 18-ти век, морепловците го откриле вистинското потекло на coco de mer – Сејшелите. Таму ги чекало друго изненадување. За разлика од другите кокосови палми, палмата на coco de mer има одделни машки и женски дрва. Кокосот со облик на женски задник доаѓа од, погодувате, женските, додека машките дрва развиваат цветови со многу сугестивна форма која потсетува на машки пенис. Од сличноста со човечките полови органи се изродила нова фолклорна легенда: дека во темните ноќи, за време на бурите, кога никој не гледа, дрвата се „откоренуваат“ од земјата и се вплетуваат во страстни блудни прегратки. Легендата вели дека ако некој ги види палмите на coco de mer додека водат љубов, или ќе умре, или ќе ослепи. Дури и денес не знаеме многу за процесот на опрашување на coco de mer.

Кога британскиот генерал Чарлс Џорџ Гордон стигнал на островот Praslin на Сејшелите во 1881 година, бил убеден дека ја нашол библиската Рајска градина. Како фанатичен христијански космолог, Гордон ја видел формата на плодот на coco de mer и бил сигурен дека тоа е забранетото овошје што Ева му го понудила на Адам, според Библијата.

Денес coco de mer држи пет ботанички рекорди: 1) го дава најголемиот див плод, кој достигнува тежина и до 42 килограми; 2) има најтешко семе на светот, до 17.6 килограми; 3) го дава најдолгиот познат котиледон, чија должина достигнува и до 4 метри; 4) има најголеми женски цветови од било која палма; и 5) е најефикасна билка, позната по тоа што ги рециклира, т.е. ги зачувува и реупотребува нутриентите од сувите листови.

- Реклама -