Ни треба нов збор за робот

Родни Брукс е лут околу роботите, но не од истите причини што веројатно или можеби ги лутат другите.

Човекот е мозокот зад Roomba (онаа кружната робот-правосмукалка што се движи и чисти самостојно и често ја гледате во вирални видеа со мачки), и е лут околу денешниот концепт зад самиот збор робот. Брукс инсистира дека денешното значење е растегнато и силувано до точка на непрепознавање и немање никаква препознатлива смисла. Зборот робот, кој реферираше на машина што е програмирана од компјутери, сега исто така се користи и за компјутерски програми, за системи на вештачка интелигенција, па дури и за сетапи за таканаречениот cold-calling (она кога продавачи ви се јавуваат по телефон за да ви продадат производи). 

„Мојата верзија на зборот робот е украдена, киднапирана“, пишува Брукс. „И бидејќи така се дефинирам јас самиот, како човек кој прави роботи (според мојата дефиниција), ова за мене е од голема важност“.

Брукс го ко-основаше iRobot во 1990-та година. Покрај Roomba, помогна и во иновирањето на роботот за деактивирање на бомби наречен PackBot, а потоа ја напушти компанијата и во 2008-ма создаде своја – Rethink Robotics. Додека iRobot се фокусираше на роботи кои работат во реалниот свет, неговата „нова“ компанија се бави со роботи во фабриките.

Но, со трансформацијата на зборот робот низ годините, значењето зад Rethink Robotics веќе не асоцира веднаш на морничавите хуманоиди кои сме навикнати да ги гледаме во старите научно-фантастични стрипови.

Според Брукс, зборот прв пат е донесен во англискиот јазик преку R.U.R. (Rossumovi Univerzální Roboti) – научно-фантастична претстава од чешкиот писател Карел Чапек (чие име го носеше и еден андроид во Star Trek – Rayna Kapec).

Самиот збор робот влече корени од црковнoсловенскиот јазик, и значи „присилена/принудна работа“. Додуша има и некои тврдења дека зборот се појавил во англискиот и прилично порано, во 1839 година, со слично значење.

Како и да е, околу 1940 година, зборот доби повоопштено значење и се однесуваше на механички хуманоид, и тоа значење го имаше сé до 1994 година. Но тогаш, тазе измислениот web (три години порано) имаше потреба од систем за индексирање, па девелоперите создадоа web crawler-и за ја скенираат мрежата и да известуваат за содржините на вебсајтовите. Овие crawler-и („лазачи“) исто така станаа познати како роботи.

Денес и робот, и робо, и бот, се користат кога се реферира на машини, и физички, и такви што се складирани во компјутери (софтверски). Зборот, инсистира Брукс, е толку општ, до степен на бескорисност.

„Мислам дека единственото решение е да го замениме“, смета тој.

Но со што? „Дроид“ отпаѓа, бидејќи веднаш асоцира на Google Android, а е авторски заштитен од Star Wars. Брукс е отворен за сугестии.

- Реклама -