Што се случува кога нема да платиш професионален свадбен фотограф?

На една „свадбена група“ на Фејсбук, еден пар сподели фотографии од нивната свадба сликани од гостите. Гостите, нели, секако ќе сликаат. Зошто ти е тогаш професионален фотограф, кога сé што треба е да им побараш после свадбата да ти ги испратат сликите преку Фејсбук, Вибер или Dropbox?

Тука доаѓаме до моментот кога е можно да се разминеме, макар што сигурен сум дека ќе има многу на моја фреквенција. Имено, јас баш уживав во фоткиве, сé додека не сфатив дека самиот младоженец е професионален фотограф, и поентата на постот во групата му е да докаже дека секоја пара дадена за професионален фотограф е добро потрошена пара. Како доказ ги наведува фотографииве од неговата свадба сликани од професионалец, во смисла дека се многу подобри:

Е сега, пак ќе речам: Непрофесионалните фотографии од гостите мене лично повеќе ми се допаѓаат. Да, професионалните се навистина убави и имаат многу поголем квалитет, ама секогаш личат една на друга и се некако вештачки, премногу калкулирани.

Овие од гостиве изгледаат некако повеќе лични, поспонтани, пореалистични, и поблиски до животот. Згора на тоа, ја доловуваат и перспективата на гостите, па секоја фотографија е како мал подарок од нив за младоженците.

Да, непрофесионалните фотографии имаат гранулација, noise – или како и да се вика тоа во професионалните кругови. Да, се и малку повеќе blurry, повеќе заматени. Ама такви се и спомените кога си ги враќаме во главата, нели?

Утешителното за мене е што целта на младоженецов/фотограф веројатно му е да си направи реклама, иако според мене, ова е антиреклама.

Тој вели: „Сé што знам од лично искуство, како женет човек, е дека сé што останува од свадбата се фотографиите“. Ако е навистина така, дечкото бил на погрешна свадба.

- Реклама -