Чеченија – земјата без хомосексуалци

Чеченија има концентрациони логори за хомосексуалци, и се безмалку по теркот од времето на Хитлер. Активистите наведуваат дека таму хомосексуалците се мачени со електрошокови, а и се тепани до смрт.

Веста се појави откако е потврдено дека минатата недела во затвор завршиле сто хомосексуалци, од кои тројца се убиени. Нова Газета јавува дека во Чеченија има неколку конц логори за геј мажи, каде ако имаат среќа да не бидат убиени, од нив се бара да ветат дека ќе ја напуштат државата.

Еден од логорите е сместен во некогашното воено седиште во градот Аргун. Светлана Закарова – една од LGBT активистите, за Mail Online изјави дека „работат на тоа да извлечат што повеќе луѓе“ од таквите логори.

„Некои ги извлековме и тие веќе ја напуштија Чеченија. Тие кои ги извлековме ни раскажаа како ги држат по 40 во една соба, и ни ги потврдија мачењата со електрошокови и претепувањата до смрт“.

Еден од избеганите, за Нова Газета раскажа како при мачењето ги тераат да ги откријат имињата и на другите геј луѓе што ги познаваат. Друг, кој имал среќа да не заврши во некој од логорите, вели дека мора да ја подмитува чеченската полиција со неколку илјади рубљи месечно, само за да го остават на мира.

Александар Артемијев, од рускиот Amnesty International, изјави дека ќе ги повика руските власти да ги истражат овие тешки инциденти.

„Геј луѓето во Чеченија се плашат да зборуваат за ова. Мораат да се кријат или да ја напуштат земјата. Атмосферата на страв е таква што се плашат нешто да откријат дури и анонимно. Тешко ми е воопшто да опишам колку е ранлива LGBT заедницата во Чеченија. Тие не се во опасност само поради прогонот на тамошните власти, туку неретко се и жртви на ‘чесни убиства’ извршени од нивните семејства, за да би ја зачувале честа“, вели Артемијев.

Кадиров – регионалниот лидер на Чеченија.

Претседателот Рамзан Кадиров, кој е еден од клучните сојузници на Владимир Путин, наводно лично го има наредено прогонот. Неговиот режим, секако, негира постоење на било какви кампови или апсења. А тоа звучи вака:

„Не можете да уапсите или да спроведувате репресивни мерки врз луѓе кои во вашата држава ги нема. Ако постоеја хомосексуалци во Чеченија, владата ќе немаше потреба да се грижи околу нив; нивните семејства сами би ги пратиле таму од каде што нема да можат да се вратат“, гласеше изјавата на Алви Каримов – портпарол на Кадиров.

Според New York Times, хомосексуалците во Чеченија веќе од пред некое време почнаа да ги бришат профилите на друштвените мрежи, бидејќи полицијата, преку лажни профили, пробува да ги намами за да ги фати и уапси.

Сите уапсени досега имаат од 15 до 50 години.

- Реклама -