Експертско мислење: Можеш ли да го спасиш мокриот телефон со ориз (и сл)?

Ако прогуглате како да го спасите телефонот ако ви падне во или врз него истурите некаква течност, пребарувачот ќе ви врати стотици резултати кои го тврдат истото – со ориз! Арно ама, не е така едноставно.

Првата финта со оризот е што за да може да го исуши телефонот, треба да ги ставите во некаква запечатена кутија, каде што оризот нема да може да влече влага од воздухот, за почеток.

Ако не ориз, Гугл може да ви врати нешто вакво – специјални апарати, фиксни или преносливи, за сушење на смартфон.

Но дури и да работат, дури и ако го исушите телефонот, не само што веројатно нема да помогне, туку само може да ја влоши ситуацијата.

„ Како некој кој специјализира на враќање на податоци од мобилни уреди оштетени од течност, овие нешта (ориз, вакви и слично) ме вадат од такт. Во суштина се змиско масло (змиското масло нема докажана медицинска вредност, а некои го продаваат како лек за сите болести).

Еве што е работата: кога електрониките со струја која поминува низ нив доаѓаат во контакт со течност, корозијата се формира речиси инстантно. Сушењето на телефонот во таканаречените dry balls (оние топчињата против влага) прави да мислиш дека си направил нешто што ќе го реши проблемот. Во реалноста, дури и ако течноста се исуши, сепак има корозија и други депозити (колку телефони паѓаат во дестилирана вода?) кои остануваат и електрично ги поврзуваат компонентите што никогаш не биле предвидени да бидат поврзани.

Што се случува кога 5, 10 или 20-волтна струјна ‘пруга’ ќе добие пристап до дата лајн-от за процесорот или логичната порта (nand) која смее да добие максимум од 1.8 волти? Податоците ти одат по ѓаволите, ете тоа се случува.

Не само тоа, туку бидејќи ‘си направил нешто’ ставајќи го телефонот во машина (или ориз), мислиш дека е океј да го вклучиш. Кога нема да се вклучи, мислиш дека можеби треба да го наполниш. Па го приклучуваш на полнач и го оставаш со часови или неколку дена, пумпајќи струја во кратки споеви предизвикани од корозијата.

Овие машини се измама и се дизајнирани од луѓе кои појма немаат како изгледа во реалноста поправањето на уреди оштетени од течност. Во случаите кога оризот и ваквите машини ‘работат’, тоа само значи дека течноста никогаш не стигнала до витална област на логичната табла. Со други зборови, и да не направите ништо, и тоа ќе ‘работи’ подеднакво ефикасно.

Најдоброто што можете да го направите ако телефонот ви се намокри е веднаш да го отворите, да ја извадите батеријата, и да ја ‘избањате’ логичната табла во алкохол. Ако не можете/не знаете да го направите тоа, однесете го на сервис кај некој што знае/може. Телефоните што се ‘третирани’ во првиот час или пократко од моментот на намокрување, речиси секогаш се спасени за понатамошна долгорочна употреба. Телефоните што одат во ориз или една од овие ‘магични машини за сушење’ речиси никогаш нема да куртулат од проблеми, ако воопшто проработат. “

Следејќи го неговиот совет, еден друг корисник на Reddit споделува како си го спасил телефонот.

„Минатиот декември ми падна телефонот во веце шолјата. Веднаш се исклучи. Неколку часа подоцна се вратив дома, го извадив задниот капак и батеријата, и го ставив во чаша полна со дестилирана вода, го исплакнав, и потоа уште еднаш истото за 24 часа. Потоа го ставив во изопропил алкохол на еден ден, го извадив и го оставив да се суши на топло место. Купив нова батерија, ја ставив, и веднаш се уклучи! На почетокот имаше мала дисколорација на екранот, но постепено се подобри и сега е целосно во ред. Фала богу за луѓето како тебе што ја ставаат вистинската информација онлајн!“

- Реклама -