Ја тужел ќерка му зашто не дипломирала на време

Еден Австриец е многу лут што морал да плаќа за студиите на неговата ќерка, кои траеле подолго отколку предвиденото. Толку многу лут, што ја тужеше.

Девојката студирала архитектура на универзитетот во Виена, и не го завршила факултетот во предвидениот рок. Затоа таткото во тужбата бара таа да му ги врати 24-те илјади евра што ги има вложено во нејзиното школување.

Човекот е озбилен. Откако посниските судски инстанци на двапати не пресудија во негова корист, фрустрираниот Австриец поднесе жалба и до Врховниот суд. Е тука веќе нештата се сменија – судот одлучи дека таткото е во право, и дека (како татко) имал обврска да плати само 10 од вкупно 13-те семестри, колку што потрошила неговата ќерка на студирање. Или со други зборови, таткото платил 39 непотребни месечни рати.

Со судската одлука, освен што ќерката ќе мора да ги врати тие 24.000 евра, ќе мора да издвои и плус 8.000 за судски трошоци.

А по сé изгледа, татково не е единствениот во Австрија. Адвокатската канцеларија што го застапувала има работено на шест слични тужби во последниве две години.

- Реклама -