Со новиот закон, Колумбијците смеат да одат пијани и дрогирани на работа

Со измените на членот на Законот за труд во Колумбија, одобрено е вработените да можат да одат на работа под дејство на алкохол, па дури и дрога. …Сé додека тоа не влијае на нивната способност и ефикасност.

Во Колумбија, како и во повеќето земји од светот, доаѓањето на работа во алкохолизирана состојба беше строго забрането. Меѓутоа, новиот закон ја менува таквата состојба и му гарантира на работникот дека нема да ја изгуби работата или да биде пратен пред дисциплинска комисија. Во суштина, со неодамнешната одлука на Уставниот суд, алкохолот и наркотиците се ставени во ист кош со „професионалните заболувања“, бидејќи не е докажано дека овие супстанци секогаш ја попречуваат ефикасноста во работата.

Сé почна лани, кога два студента од универзитетот Unicienca оспорија одредени членови во Законот за работа. Меѓу другото, истакнаа и дека работодавците немаат право да казнуваат или отпуштаат вработени ако не можат да докажат дека конзумацијата на алкохол влијае на нивната работна способност. Уставниот суд го прифати аргументот и нареди измена на спорниот член.

Ова наиде на многу критики во Колумбија, посебно од здруженијата за борба против наркотици. Августо Перез – терапевт и челник на здружението Nuevos Rumbos, кое веќе со години се бори против наркотиците, вели дека одлуката во најмала рака е контроверзна. Тој е уверен дека тоа секако ќе резултира со негативни последици по колумбиското општество. За жал, не може да докаже. Тоа го може само времето.

- Реклама -