Зошто мажите „се лигават“ кога се болни

„Мислам дека умирам“
„Жено, викај поп, отидов ја.“

Очигледна е разликата во однесувањето кога настинка или грип ќе ги погоди мажите или жените. Жените продолжуваат да прават што и да правеле, безмалку игнорирајќи ги симптомите. Мажите пак, се однесуваат како небаре да се на смртна постела. А жените, веројатно претпоставувајќи дека мажите повеќе драматизираат отколку што се болни – со цел да привлечат внимание и нега, често се шегуваат на нивна сметка.

Сепак, сé повеќе истражувања и докази укажуваат дека за таквото „немашко“ однесување на мажите постои вистинска биолошка причина. Имено, многу од вирусите ги погодуваат мажите многу пожестоко од жените. Според новото истражување објавено во Nature Communications, постои еволуциски притисок кој ги приморува вирусите да предизвикуваат поблаги симптоми кај жените. Според теоријата, вирусот повеќе профитира ако зарази жена, но притоа не ѝ наштети, бидејќи така постои поголема шанса за понатамошно пренесување на заразата – од мајка на дете. Кај мажите го нема тој „усул“, па вирусите ги погодуваат без воздржување. За ваквата појава веќе има темелни аргументи. На пример, мажите заразени со HPV имаат пет пати поголема тенденција да развијат рак од жените.

Со помош на математички модел, научниците открија дека вирусите навистина поблаго ги напаѓаат жените кога се работи за болест со можност да се пренесе и на дете.

„Преживувањето на најспособните не е ексклузивно само за луѓето и животните“, вели д-р Франциско Убеда – авторот на истражувањето. „Многу е можно ова однесување на вирусите базирано на полот на домаќинот да се случува и со многу други патогени кои предизвикуваат болести. Се работи за извонреден пример што ецволуционарната анализа може да направи за медицината“, истакнува Убеда.

- Реклама -