Глупи совети што редовно им ги делат на младите мајки

baby4[1]

Првото бебе, уште неродено, секогаш доаѓа во пакет со лавина од стручни совети од баби, тетки, стрини и пријателки кои исчувале деца, кои сега сметаат дека вас, како на идна мајка, ви е нужно да ги знаете нивните искуства во полето. По дифолт овие совети се добронамерни, ама тоа не ги спречува некогаш да бидат и глупи. Од таквите совети, најчесто ќе ги чуете следниве:

1. Бебето плаче за да манипулира со тебе

Интересно е што овој мит го има и кај постарите и кај помладите генерации. Сепак, „Ма пушти го нека плаче! Само те манипулира!“ обично ќе го чуете од тие што пораснале со строги родители (или прочитале од некој што пораснал со строги родители). Замислете ја само ваквата перспектива: на бебето се гледа како на мало манипулативно суштество на кое во генетиката му е запишано дека треба да ги изманипулира родителите до степен да му дозволат/да добие сé што ќе посака, или да го кренеш во раце и да го мазиш. Така мало, а така голем манипулативен звер!

А всушност, галењето и мазењето го стимулира развојот на многу центри во мозокот на бебето. Плачењето, од друга страна, е главното средство за комуникација на бебето, и згора на тоа, кога некој ве советува да го оставите бебето да плаче, прашајте го дали знае за кортизол. Кортизолот е хормонот на стрес кој при плачење забрзано се ослободува кај бебето, а познато е дека високото ниво на кортизол влијае на појава на анксиозност, депресија и мала самодоверба подоцна во животот.

2. Бебето не смее да биде толку приврзано за мајката

Спиење во ист кревет со бебето, носење на бебето во раце, а бебето да ти имало повеќе од шест месеци! Па твоето дете никогаш нема да биде самостојно!

Или барем така ќе ве учат. Вистината е дека блискиот однос во раното детство се одразува позитивно на детето, и баш заради таквиот однос тоа ќе порасне во личност со многу самодоверба и храброст за самостоен живот.

3. Штом бебето ги добие првите заби, тргај го од цицка

„Во спротивно ќе те изгризе до крв!“, ќе ви речат. Да, бебето можеби ќе го направи тоа еднаш или двапати. Но како што автоматски плаче кога плаче и мајката, така и по бурната реакција на мајката кога гризе, ќе сфати дека мама ја боли и ќе престане тоа да го прави.

Во спротивно, ако ја следиме логиката на советот, тогаш требада им ги врземе и рацете – за никогаш да не нé искубат, а и никогаш да не им купиме играчка – зашто може да нé гаѓаат.

4. Играчките се потребни и затоа треба да ги купиш додека си трудна

Во списокот на сé што е неопходно да се купи и набави пред доаѓањето на бебето на свет, тетките ќе ти дополнат и пумпици за доење, гумени играчи за заби, тропалки, играчки за во када, бебешки патичиња, кукли и колички. По нивна логика, бебето ќе прооди, ќе гризе и ќе манипулира од истиот момент кога ќе се роди, па морате да имате куп играчки за мама и тато да бидат оставени на раат и да можат малку да здивнат. Нели?

- Реклама -