Чедо Јаневски е нов селектор на Македонија

Чедомир Јаневски е стручњакот што ќе ја има пред себе тешката задача да го врати реномето на фудбалската репрезентација, откако овој стратег ја доби довербата на новото раководство на ФФМ.

Претседателот Илчо Ѓорѓиоски беше во дилеми на кој тренер да му ја додели селекторската функција за квалификацискиот циклус за СП 2014, по разделбата со досегашниот кормилар Џон Тошак. Иако во игра беа и Бобан Бабунски и Гоце Седлоски, изборот сепак паднал врз Јаневски, најмногу поради неговото искуство, нешто што им недостигаше на останатите двајца кандидати.

Чедомир Јаневски својата тренерска кариера ја почна во Белгија, најпрвин како кормилар на „Б“ тимот на Бриж, а потоа и како прв асистент во стручниот штаб на најдобриот тим на белгискиот гигант. Во 2007 година накратко доби можност и како прв тренер на Бриж, а покрај тоа Јаневски мина извесно време и на кормилото на Црвена Звезда, а имаше тренерски ангажмани и на Кипар, на клупите на Енозис и на Етникос Ахна.

Официјалната промоција на Јаневски како нов селектор на националниот тим се очекува најдоцна до крајот на неделава, со оглед на фактот дека овој стручњак нема премногу време за адаптација, бидејќи веќе на 7 септември го очекува првиот квалификациски натпревар, на гостински терен против Хрватска.

Јаневски експресно ќе треба да го објави и списокот на фудбалери на чии услуги ќе смета за првите две квалификациски средби, па интересно ќе биде да се види дали новиот кормилар ќе врати дел од искусните репрезентативци кои што беа отпишани од страна на неговиот претходник Џон Тошак.

- Реклама -