Зборот што ја одбележа 2016-та

stream_img[1]

Оксфордскиот речник го прогласи зборот post-truth (пост-вистина, пост-вистинит) за интернационален збор на годината. Тоа е одраз на силната политизација на последните 12 месеци.

Зборот е дефиниран како придавка која ги одразува околностите под кои објективните факти немаат толку големо влијание во обликувањето на јавното мислење, колку што има емоционалниот набој.

Пост-вистина е избран како резултат на неговата употреба по гласањето на Британците за напуштање на ЕУ во јуни, но и по претседателските избори во САД месецов.

Претставникот на Оксфордскиот речник – Каспер Гратвол, изјави дека зборот пост-вистина може да се претвори во „еден од дефинирачките зборови на нашето време“. Инаку, изразот ­­пост-вистина е во тесна поврзаност со фразата „политика на пост-вистината“, а беше избран пред другите годинава често употребувани политички термини, како „брегзитер“ (Brexiteer) – човек кој го поддржува излезот на Британија од ЕУ); и „алт-рајт“ (alt-right) – идеолошка група поврзана со крајно конзервативни и реакционерни ставови, која  се карактеризира со отфрлање на традиционалната политика, и користење на онлајн медиумите за ширење на намерно противречна содржина.

Овогодинешните зборови-финалисти несомнено ги одразуваат социјалните, културните, политичките, економските и технолошките трендови и настани во 2016 година.

Недоверба кон фактите

posttruth

Оксфордскиот речник забележува дека зборот пост-вистина е за прв пат искористен во 1992 година, но дека заради референдумот во Британија за членство во ЕУ и заради кампањата за место во Белата куќа во САД – зачестеноста на неговата употреба во 2016-та е зголемена за 2.000% во однос на минатата година.

„Поттикнати од подемот на друштвената медија како извор на вести, и растечката недоверба кон фактите понудени од естаблишментот, пост-вистина како концепт веќе некое време ги пушташе своите јазични корени“, вели Гратвол.

„Прв пат видовме скок во зачестеноста оваа година во јуни со фамата околу гласањето за Брегзит, и потоа повторно во јули кога Доналд Трамп обезбеди претседателска номинација…

Со оглед на тоа дека терминот не покажува било какви знаци на намалување на неговата употреба, не би бил изненаден ако пост-вистина стане еден од дефинирачките зборови на нашето време“.

За споредба, лани Оксфордскиот речник за збор на годината го избра „пиктограф“, алудирајќи на емоџито со „лице со солзи од смеа“. Аргументот беше дека најдобро го одразувал „етосот, расположението и преокупациите во 2015-та“.

 

 

- Реклама -